Белград. 19 ноември 2025 – Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, соопшти дека руските сопственици се согласиле да го продадат својот удел од 56,15% во „Нафтна индустрија Србије“ (НИС). Таа нагласи дека идентитетот на потенцијалниот купувач засега не се открива, бидејќи преговорите меѓу компаниите сè уште траат и клучните детали не се финализирани.
„Од јавноста ништо не се крие. Нашиот став е јасен – рафинеријата мора да продолжи со работа и што побрзо да се обезбеди нов доток на сурова нафта“, изјави министерката. Таа потсети дека 43 дена во Србија не пристигнала нафта преку нафтоводот Јанаф, но граѓаните не почувствувале последици благодарение на подготовките на институциите.
Ѓедовиќ Хандановиќ информираше дека НИС, преку американски адвокати, поднел барање до Владата на САД за продолжување на лиценцата со цел компанијата да може непречено да увезува сурова нафта и да ја одржи работата на рафинеријата.
Одлуката на американските власти сè уште се очекува. НИС претходно потврди дека на 18 ноември до Канцеларијата за контрола на странски имот (OФАК) поднел ново барање за издавање специјална лиценца што ќе овозможи непречено функционирање на компанијата.
Извор: RTS.rs
