Драматичен пад на извозот на руски гас преку гасоводи кон Европа – најнизок во последните 50 години

Москва. 5 август 2025 – Рускиот извоз на природен гас кон Европа достигна најниско ниво во последните половина век, што ѝ задава сериозен финансиски удар на државната енергетска компанија Гаспром и го поткопува еден од клучните економски столбови на Кремљ.

Според податоците на Ројтерс, базирани на дневните извештаи од единствениот активен гасовод „Турски тек“, Гаспром во првите шест месеци од 2025 година испорачал само 8,33 милијарди кубни метри гас на европските клиенти. Ова претставува пад од 47% во споредба со истиот период во 2024 година. Дополнително, проекциите покажуваат дека Русија ќе испорача помалку од 16 милијарди кубни метри за целата 2025 година, што е далеку од рекордните 175 милијарди од 2021 година, пред инвазијата врз Украина.

За првпат од почетокот на 1970-тите, извозот на руски гас кон Европа е на вакво ниско ниво. За споредба, до 1975 година Советскиот Сојуз веќе извезувал 19,3 милијарди кубни метри гас годишно, а само пет години подоцна, по голем договор со Западна Германија, обемот се зголемил на 54,8 милијарди.

РЕКЛАМА

Овој историски пад е резултат на западните санкции, длабоките политички тензии и распадот на традиционалната извозна инфраструктура на Гаспром. Поголем дел од гасоводите преку Украина и Полска се затворени или исклучени, а постојните капацитети за течен природен гас (LNG) не можат да ги покријат загубените количини.

Иницијативата на Кремљ за создавање „турски гасен хаб“, промовирана во 2022 година како алтернатива на санкциите, сѐ уште не е реализирана и не придонесува значајно во обновување на извозниот капацитет.

Последиците за Гаспром се сериозни, бидејќи од вкупното производство од 416 милијарди кубни метри гас во 2024 година, компанијата успеала да продаде 355 милијарди. Останатите околу 60 милијарди кубни метри – количина еквивалентна на целокупното годишно производство на Обединетите Арапски Емирати, остануваат нераспродадени.

Овој тренд дополнително го продлабочува економскиот притисок врз Русија, во време кога нејзините традиционални пазари се затвораат, а обидите за наоѓање нови партнери се соочуваат со сериозни политички и логистички предизвици.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads