Белград. 11 ноември 2025 – Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ–Хандановиќ, соопшти дека руските сопственици на „Нафтна индустрија Србије“ (НИС) се подготвени да ја предадат контролата и влијанието врз компанијата на трета страна, поради американските санкции што ја оптоваруваат нејзината работа.
Во објава на социјалната мрежа Инстаграм, Ѓедовиќ-Хандановиќ информираше дека руската страна испратила барање до Канцеларијата за контрола на странската имотна сопственост на САД (ОФАК), со цел продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со потенцијален нов партнер.
„Во барањето се наведува дека руските сопственици се подготвени да се откажат од контролата и влијанието над НИС. Владата на Србија официјално го поддржа овој чекор. ОФАК веќе реагираше со коментари, а очекуваме нивен став во текот на неделава“, изјави министерката.
„Нафтната индустрија на Србија“ беше ставена на американската листа на санкции на 10 јануари годинава, поради „секундарен ризик“ од мнозинско руско сопствеништво. Целта на санкциите е спречување на финансирање на руската воена индустрија преку енергетски компании.
Од тогаш, примената на санкциите кон НИС беше одложена осум пати, но почна да важи од 9 октомври. И покрај неколкуте промени во сопственичката структура, компанијата и понатаму е под мнозинска контрола на руски акционери.
Ѓедовиќ-Хандановиќ претходно најави дека рафинеријата во Панчево, во сопственост на НИС, ќе работи до 25 ноември. Ситуацијата дополнително се комплицира со санкциите кон руската компанија „Лукоил“, која во Србија има лиценца за работа до 21 ноември.
Западните земји, САД, Европската Унија и Велика Британија на 23 октомври воведоа нов пакет санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“ за да извршат дополнителен притисок врз Москва поради инвазијата врз Украина.
Србија, која повеќе од 80% од потребите за гас ги задоволува од Русија, сè уште нема долгорочен договор за снабдување. Москва во октомври го продолжи гасниот аранжман само до крајот на годинава, што белградските власти го оценија како неповолна вест.
Извор: Slobodnaevropa.org
