Атина. 10 јули – Грчката компанија за снабдување со гас DEPA Commercial и руската Гаспром постигнаа вон-судско спогодбено решение со кое е ставен крај на повеќегодишниот спор околу цената и испораките на природен гас. Како што објави DEPA во официјално соопштение, двете страни постигнале договор „со взаемна согласност“, без да бидат откриени конкретни детали за условите.
Спорот датира од 2022 година, кога поради драстичното зголемување на цените на гасот во Европа по руската инвазија на Украина и намалувањето на испораките по цевковод, DEPA се соочи со потешкотии во продажбата на договорените количини. Според потпишаниот договор со Гаспром од јануари 2022 година, Грција требаше да купува 2 милијарди кубни метри гас годишно до 2026 година, по цена што 80% се базира на холандскиот ТТФ индекс, а 20% на нафтениот индекс.
Поради намалената побарувачка, DEPA не можеше да ги преземе минималните количини предвидени со договорот. Согласно клаузулата „take-or-pay“, компанијата беше обврзана да плаќа и за неповлечените количини, кои се пренесуваат како кредит до крајот на договорот. Минатата година DEPA поднесе арбитражна тужба со цел ретроактивно намалување на цените и ослободување од идни обврски вредни стотици милиони долари.
Според информации од весникот Kathimerini, договорот бил постигнат веднаш по донесувањето на арбитражната одлука и потпишан минатата недела, по месеци интензивни преговори. Иако сите индикации упатуваа на тоа дека арбитражата ќе биде во корист на DEPA, грчката страна избра вон-судско решение за да го избегне ризикот од прекин на испораките, имајќи предвид дека Гаспром не ги признава одлуките на меѓународните судови.
„Гаспром поднесе компромисен предлог по покренатата арбитража, со што се решија сите прашања околу повлекувањето на гасот од претходните години, а истовремено се обезбеди конкурентна цена на снабдување за 2025 и 2026 година,“ соопшти DEPA.
Според аналитичарите, овој договор е важен за енергетската стабилност на Грција, особено во услови на нестабилни пазари и високи цени на течниот природен гас (LNG), кој би бил единствена алтернатива доколку дојдеше до прекин на руските испораки.
Извор: Ројтерс