Даниел Јергин: Вишок нафта, недостиг струја – новата енергетска реалност за 2026

Глобалниот пазар на нафта се соочува со редок степен на неизвесност и значителен вишок понуда кој може да потрае и во 2026 година, предупредува д-р Даниел Јергин, еден од водечките светски аналитичари за енергија и потпретседател на S&P Global. Во интервју за дневното издание Khaleej Times од Дубаи, тој објаснува дека тековните геополитички и економски услови целосно го промениле начинот на кој функционира енергетскиот пазар, поставувајќи нови ризици и нови рамки за движењето на цените.

Цена на Брент: 60 долари во 2026, 65 долари во 2027

Јергин очекува просечна цена на Брент од околу 60 долари по барел следната година, со умерено заздравување во 2027. Иако прогнозите се различни, некои предвидуваат вишок од неколку милиони барели дневно, тој смета дека моментално „понудата е поголема од побарувачката“ и пазарот е во процес на балансирање.

Според него, прецизни прогнози денес се потешки од кога било поради политичките фактори кои ја нарушуваат глобалната трговија: санкции, царини, протекционизам и прекин на традиционалната глобализација во енергетскиот сектор. „Глобалниот пазар на нафта престана да постои со руската инвазија врз Украина се, па сега имаме поделен пазар,“ вели Јергин.

РЕКЛАМА

Кина и Русија – најголемите пазл-делови

Побарувачката во Кина е еден од најкритичните елементи за 2026 година. Нејасно е дали растот продолжува или е во застој, делумно и поради непрозирните податоци за полнењето на кинеските стратешки резерви. Истовремено, судбината на рускиот извоз, дали ќе биде ограничен или ќе продолжи да тече во алтернативни пазари е од клучно значење за глобалната рамнотежа.

Американското производство како психолошки фактор

САД достигнаа 13,6 милиони барели дневно, а дилемата е дали производството од шкрилци ќе забави. „Следната година ќе донесе поголема јаснотија околу тоа дали американскиот шкрилец влегува во фаза на застој“ вели Јергин. Ниските цени најсилно го погодуваат токму овој сегмент бидејќи е најценовно чувствителен.

Нова понуда, надвор од рамките на ОПЕК+, пристигнува од Гвајана, Бразил и Канада, што дополнително го зголемува глобалниот вишок. Јергин оценува дека ОПЕК+ „многу внимателно и флексибилно“ реагира, постепено враќајќи ја неактивната продукција. Доколку цените паднат под сегашниот опсег од 60–75 долари, очекува брза реакција на групата.

Експлозивен раст на ЛНГ – новата фаза на глобална енергетика

Во делот на природниот гас, САД за една деценија се издигнаа во најголем извозник на ЛНГ. Огромни нови капацитети долж американскиот Залив ќе донесат изобилна понуда и пониски цени. Европа, според Јергин, трајно ја затворила вратата за рускиот гас, што ја претвора во долгорочен потрошувач на ЛНГ од САД, Катар и други производители.

Азија, пак, станува главно поле на натпревар меѓу ЛНГ и јагленот, со големи изгледи ЛНГ да освојува нов пазарен удел.

Трка за електрична енергија – најголемиот предизвик на АИ енергетиката

Сѐ поголемиот број на АИ дата-центри предизвикува сериозен недостиг на електрична енергија, особено во САД. „Електричната енергија е клучниот ограничувач за вештачката интелегенција,“ истакнува Јергин. Токму затоа природниот гас повторно станува витален за производство на струја, додека интересот за нуклеарна енергија се засилува. Тој ја пофали стратегијата на ОАЕ за изградба на четири нуклеарни реактори, нарекувајќи ја „визионерска и уште попотребна денес“.

Јергин предупредува дека глобалното производство на бакар, метал неопходен за електрификација заостанува зад потребите, што може да стане критичен фактор во 2026.

Извор: Кhaleejtimes.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба