Пулицеровиот лауреат и потпретседател на S&P Global, Даниел Јергин, во неодамнешно интервју со Сидни Вајат, главен комерцијален директор на Honeywell Energy and Sustainability Solutions, ја изложи својата сеопфатна и оптимистичка визија за иднината на енергетиката.
Во разговорот, Јергин нагласи дека глобалната побарувачка за енергија постојано расте поради порастот на населението и подобрувањето на животниот стандард. Тој објасни дека потрошувачката на енергија во земјите во развој е далеку помала отколку во развиените држави, но предупреди дека овие разлики постепено се намалуваат.
Истовремено, Јергин потенцира дека стабилното снабдување со енергија бара справување со сериозни предизвици, меѓу кои и долготрајните процедури за издавање дозволи што, како што рече, „понекогаш траат со децении и никогаш не се завршуваат“. Јергин истакна дека владината поддршка на основните научни истражувања е од суштинско значење, бидејќи тие се темел за идни технолошки иновации и комерцијален напредок.
Енергетскиот преод како процес на надградба
Во однос на концептот на „енергетска транзиција“, Јергин образложи дека таа не претставува нагла замена, туку долготраен процес на еволуција. „Енергетскиот преод не е преод, тоа е еволуција и надградба,“ нагласи тој, потсетувајќи дека енергетските промени низ историјата секогаш биле постепени.
Како пример, потпретседателот на S&P Global истакна дека иако нафтата ја надминала употребата на јаглен во 1960-тите, денес светот користи трипати повеќе јаглен отколку тогаш – што, според него, покажува дека старите и новите извори на енергија коегзистираат.
Технологијата во сржта на енергетската иднина
Јергин подвлече дека технологијата е срцето на енергетската еволуција. Тој ја пофали брзата динамика на иновации во области како што се технологиите за фаќање и складирање на јаглерод, биогоривата, водородот и енергетската ефикасност. Според него, појавата на околу 250 стартапи во енергетскиот сектор е доказ за силна иновативна енергија, иако само дел од нив ќе успеат.
Јергин истакна и дека, и покрај предизвиците со финансирањето, интересот на приватните инвеститори расте. „Денес постојат шест до седум милијарди долари приватен капитал насочен кон фузија, нешто што беше незамисливо пред десет години,“ рече тој, додавајќи дека токму ваквите инвестиции ги поттикнуваат револуционерните идеи.
ЛНГ како гориво на иднината
Осврнувајќи се на течниот природен гас (LNG), Јергин потсети дека пред само една деценија САД воопшто не извезувале LNG, а денес се најголем извозник во светот. Тој прецизира дека извозот на LNG има вредност речиси еднаква на половина од американската индустрија за полупроводници и поддржува околу 400.000 работни места.
Во овој контектс, тој објасни дека ваквиот раст е резултат на т.н. „револуција на шкрилците“ – комбинација на технологија, иновација и претприемачки ризик, која го претвори САД во најголем производител на нафта, природен гас и LNG. Според Јергин, LNG е „гориво не само на транзицијата, туку и на иднината“, клучно за енергетската безбедност и глобалната стабилност.
Оптимизам во динамична иднина
На прашањето што најмногу го возбудува во областа на енергетиката, Јергин истакна дека тоа е „ширината на полето – од геополитика до технологии, пазари и општествени прашања“, нагласувајќи дека енергетскиот сектор постојано се менува и дека „она што било консензус пред три или четири години, денес веќе не важи“.
Јергин ја заокружи својата визија со порака на умерен оптимизам: и покрај сложеноста и предизвиците, енергетската иднина ќе продолжи да се обликува преку иновации, соработка и долгорочна стратегија.
Енергетика 24