Тирана, 15. октомври 2025 – На Форумот за инвестиции ЕУ–Западен Балкан одржан пред два дена во Тирана, CWP Europe заедно со Европската комисија, Албанската агенција за развој на инвестиции и Агенцијата за промоција на инвестиции на Црна Гора потпишаа Заедничка декларација за поддршка на два големи проекти за обновлива енергија: ветерната електрана Тропоја во Албанија и соларната фарма со складирање на енергија Монтечево во Црна Гора.
Церемонијата се одржа во присуство на премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која потенцираше дека Западен Балкан игра се поголема улога во транзицијата на Европа кон чиста енергија.
„Овие инвестиции ќе обезбедат чиста енергија за сите партнери од Западен Балкан, ќе го намалат трошокот за струја и ќе ја зајакнат енергетската независност на регионот. Вие градите нова енергетска ‘рбетница’ за Европа“, изјави фон дер Лајен.
Димитар Енчев, директор на CWP Europe, истакна дека проектите Тропоја и Монтечево го реализираат огромниот енергетски потенцијал на регионот и ја зајакнуваат соработката меѓу земјите од Западен Балкан.
Ветерната електрана Тропоја ќе произведува 600 MW чиста електрична енергија, додека Монтечево во Црна Гора ќе комбинира 400 MW соларна енергија со складирање на електрична енергија, поврзана со новата трансмисиона мрежа од 400 kV и стратешки интерконекции, вклучувајќи подводен HVDC кабел кон Италија, за извоз на чиста енергија во Европа.
Овие проекти ја зацврстуваат позицијата на CWP Europe како лидер во развојот на големи обновливи енергетски проекти во Југоисточна Европа и ја поттикнуваат одржливата и конкурентна енергетска иднина на регионот.
Инаку, CWP Europe е водечка компанија за развој на проекти за обновлива енергија во Југоисточна Европа. Со над 17 години искуство, компанијата инвестира во одржлив развој и енергетска транзиција, развивајќи големи ветерни и соларни фарми, вклучувајќи го и најголемиот ветерен проект во Европа – 600 MW Fantanele-Cogealac во Романија. Во моментов, CWP Europe развива проекти со вкупен капацитет над 7 GW. Компанијата е заедничко вложување меѓу глобалната компанија за обновлива енергија CWP Global и Mercuria Energy Trading, еден од најголемите независни енергетски трговци во светот.
Извор: CWP.eu