Подгорица. 20 август 2025 – До крајот на годинава Црна Гора треба да донесе одлука за изградба на првата голема хидроелектрана, која ќе ја замени Термоелектраната Плевља најдоцна до 2041 година. Јавната расправа за Нацрт-националниот енергетски и климатски план заврши минатиот петок, а Министерството за енергетика најави дека конечниот документ со препораки и временска рамка ќе биде објавен во наредните два месеца.
Според планот, затворањето на Плевља, најголемиот и единствен значаен извор на струја на јаглен во земјата е можно само со изградба на најмалку две нови реверзибилни хидроелектрани, кои заедно со соларните и ветерните паркови ќе ја обезбедат стабилноста на системот. Овие централи овозможуваат складирање и повторно искористување на енергијата, произведувајќи струја во периоди кога нема доволно сонце и ветер, а чувајќи ја во акумулации кога има вишок.
Најмногу е напредната подготовката за хидроелектраните Комарница и Крушево. Првата би била акумулациона, а втората реверзибилна. Планот предвидува Комарница да биде завршена во 2032 година, а Крушево во 2033 година, што би овозможило постепено намалување на производството во Плевља и конечно гаснење на централата до 2041 година. Од нејзината изградба во 1982 година, Црна Гора не добила нов голем енергетски објект, што ја прави реализацијата на овие проекти уште поитна.
Електропривреда на Црна Гора најавува дека до 2035 година во нови хидро, ветерни и соларни капацитети ќе бидат вложени околу 2,5 милијарди евра, преку комбинација од државни и приватни инвестиции. Од компанијата нагласуваат дека новите хидроелектрани се клучни не само за енергетска сигурност, туку и за интеграција на обновливите извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Како приоритетен проект е препознаена изградбата на Крушево, која е дел од соработката со францускиот ЕДФ, а до крајот на годинава се очекува да бидат обезбедени сите услови за нејзина реализација.
Дополнителен притисок за енергетската транзиција доаѓа од Европската унија, која од наредната година воведува посебни давачки за електраните на јаглен. Ова би ја поскапило цената на струјата произведена во Плевља, но Црна Гора ќе се обиде да добие изземање до 2030 година, како дел од регионалниот пакет за земјите од Западен Балкан.
Во меѓувреме, изградбата на реверзибилни хидроелектрани станува глобален тренд. Такви капацитети веќе се развиваат во Австрија, Норвешка и други земји, а придобивките од нив се повеќекратни – од производство на чиста енергија и одржување на стабилен енергетски систем, до заштита од поплави, обезбедување водни резерви и економски развој на локалните заедници. За Црна Гора, изградбата на Комарница и Крушево не е само дел од енергетската стратегија, туку и предуслов за успешна транзиција кон зелена енергија и исполнување на европските климатски стандарди.
Извор: Vijesti.me