Њујорк. 23 септември 2025 – Високи владини претставници, извршни директори и финансиски институции на 22 септември во Њујорк се испратија заедничка порака: светот мора побрзо да ја замени фосилната енергија со обновливи извори за да обезбеди економска стабилност, енергетска безбедност и глобален просперитет. Настанот насловен како „High-Level Session on Renewable Energy Abundance“, дел од Climate Week NYC и отворањето на Global Renewables Summit, ја нагласи неопходноста од конкретни акции, нови инвестиции и меѓународна соработка.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, истакна дека во 2024 година во светот биле вложени речиси два трилиони долари во чиста енергија – двојно повеќе отколку во фосилни горива. Таа предупреди дека иако транзицијата е започната, не е доволно само моментумот: „Мораме да делуваме заедно, преку граници и континенти, за да обезбедиме чиста и достапна енергија за сите.“
Премиерот на Бахамите, Филип Дејвис, нагласи дека замената на фосилните горива е предуслов за идниот развој, а не пречка. „Секоја нова соларна плоча, секоја модернизирана регулатива нè носи поблиску до свет каде енергетското изобилство е реалност,“ изјави тој. Основачот на Fortescue, Ендрју Форест, порача дека зелената енергија е не само климатска, туку и економска нужност: „Без крај на фосилните горива нема трајна стабилност. Зелената енергија е најразумен избор.“
Силни пораки дојдоа и од бизнис-заедницата. Google нагласи дека вештачката интелигенција може да донесе невидени промени само ако е поткрепена со доволно чиста енергија, додека IKEA најави инвестиции од 7,5 милијарди евра до 2030 година за поддршка на транзицијата. Учесниците оценија дека индустријата има клучна улога во забрзување на процесот, но и дека владите мора да создадат услови за масовни инвестиции.
Настанот се одржа само два дена пред Самитот за клима на ОН, на кој се очекува многу земји да ги објават своите нови национални планови за климатска акција. Светските лидери предупредија дека оваа декада е пресудна за постигнување на целта – утројување на капацитетите за обновлива енергија до 2030 година.
Заедничката порака од Њујорк беше јасна: транзицијата кон обновливи извори не е само борба против климатските промени, туку и историска можност за нова ера на економски раст, иновации и сигурна енергија за сите.
Извор: Globalrenewablesalliance.org