Чистите технологии клучни за енергетската безбедност во ерата на АИ и геополитички тензии

Чистите технологии и енергетската транзиција стануваат централни за глобалната економска и безбедносна стабилност, во услови на растечка побарувачка за електрична енергија и засилени геополитички ризици, беше истакнато во најновото издание подкастот „Making Sense“ на инвестициската банка J.P. Morgan.

Во разговорот, со Сара Капник, глобален раководител за климатски советувања во банката и поранешен главен научник во NOAA, како и со Џејмс Јаноски, ко-раководител за инвестициско банкарство во секторот природни ресурси, фокусот беше ставен на тоа како чистите технологии го преобликуваат глобалниот енергетски пејзаж, особено поради наглиот раст на потрошувачката на електрична енергија, предизвикан од развојот на вештачката интелигенција и дата-центрите. Според Капник, оваа динамика ја прави енергетската безбедност директно поврзана со економската сигурност, што бара јасни краткорочни и долгорочни стратегии од владите.

И покрај глобалните кризи, од пандемијата, преку војната во Украина, до актуелните тензии на Блискиот Исток, енергетската транзиција продолжува со засилено темпо. Во 2025 година, инвестициите во нискојаглеродни технологии достигнале рекордни 2,9 трилиони долари, иако експертите предупредуваат дека за исполнување на целите за „нето нула“ до 2050 година потребни се до 7 трилиони долари годишно.

РЕКЛАМА

Дебатата, според учесниците, еволуира од идеолошка кон попрагматична, при што инвеститорите и компаниите сè повеќе се насочуваат кон решенија со јасен економски ефект и одржлив поврат на инвестициите. Паралелно, расте интересот за модернизација на електричните мрежи, за кои се проценува дека ќе бараат околу 5,8 трилиони долари инвестиции во следната деценија.

Во овој контекст, нуклеарната енергија повторно се позиционира како важен дел од енергетскиот микс, особено во Европа и САД, каде се разгледуваат и нови технологии како мали модуларни реактори. Сепак, нивната поширока примена се очекува во наредните десет години.

Меѓу најперспективните решенија се издвојуваат и технологиите за долгорочно складирање на енергија, кои надминуваат ограничувањата на литиумските батерии, како и дигитализацијата и оптимизацијата на енергетските системи. Дополнително, се развиваат иновации во индустријата и земјоделството, со цел зголемување на ефикасноста и намалување на емисиите.

Геополитичките случувања, особено на Блискиот Исток, дополнително ја нагласуваат потребата од енергетска отпорност. Освен ризиците од прекини во снабдувањето, се зголемува и загриженоста за сајбер безбедноста на енергетските мрежи, како и за влијанието на екстремните временски услови.

Сепак, климатските ризици сè уште не се целосно вклучени во пазарните проценки, што според експертите претставува потенцијален ризик за идните инвестиции и вредноста на имотот.

Заклучокот од дискусијата е дека чистите технологии веќе не се само прашање на одржливост, туку клучен столб за енергетската и економската безбедност во услови на брзи технолошки и геополитички промени.

Извор: JPMorgan.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил