Цените на нафтата растат по нападите на Иран врз енергетски објекти на Блискиот Исток

Цените на нафтата бележат остар раст откако Иран изврши ракетни напади врз енергетска инфраструктура на Блискиот Исток, што претставува нова ескалација на конфликтот со САД и Израел.

Северноморската нафта „Брент“ поскапе за повеќе од 4%, достигнувајќи над 112 долари за барел, со привремен скок од над 5 долари. Американската сурова нафта WTI исто така порасна, но со побавна динамика, тргувајќи се околу 97 долари за барел.

Ескалацијата следува по нападот врз гасното поле „Јужен Парс“, едно од најголемите во светот, по што Иран возврати со удари врз енергетски цели во Катар и Саудиска Арабија. Компанијата QatarEnergy соопшти дека нападите врз комплексот Рас Лафан предизвикале значителна штета врз капацитетите за течен природен гас.

РЕКЛАМА

Саудиска Арабија, пак, информираше дека пресретнала балистички ракети насочени кон главниот град Ријад, како и обид за напад со дрон врз гасен објект.

Аналитичарите предупредуваат дека нападите врз енергетската инфраструктура, заедно со зголемените геополитички тензии, укажуваат на можни долготрајни нарушувања во глобалното снабдување со нафта.

Пазарните стратези оценуваат дека цените на нафтата ќе останат под притисок на раст, со оглед на тоа што нема знаци за брза деескалација на конфликтот, ниту пак за повторно отворање на Ормускиот теснец – клучна рута за глобалниот транспорт на нафта.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил