Цените на нафтата денес изутрина повторно пораснаа, откако пазарите проценија дека најавениот план за рекордно ослободување на стратешки резерви можеби нема да биде доволен за да ги ублажи можните прекини во снабдувањето поради војната меѓу САД, Израел и Иран.
Фјучерсите за нафтата Брент се зголемија за 0,7% и достигнаа 88,39 долари за барел, додека американската WTI поскапе за 1,2% на 84,43 долари за барел. Растот следуваше по силниот пад од повеќе од 11% во вторникот.
Според информации на „Волстрит џурнал“, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) разгледува можност за најголемо досега ослободување на нафтени резерви од земјите членки. Потегот би надминал 182 милиони барели пуштени на пазарот во 2022 година по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Аналитичарите на „Голдман Сакс“ проценуваат дека вакво ослободување резерви би можело да надомести околу 12 дена од потенцијалниот прекин на извозот од Персискиот Залив, кој се проценува на околу 15,4 милиони барели дневно.
Во меѓувреме, конфликтот во регионот дополнително ги зголемува стравувањата за снабдувањето. САД и Израел извршија интензивни воздушни напади врз Иран, а американската војска соопшти дека уништила 16 ирански пловни објекти наменети за поставување мини во близина на Ормускиот теснец, клучна рута за глобалната трговија со нафта.
Лидерите на земјите од Г7 денеска ќе одржат видео-состанок на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, на кој ќе се разгледуваат мерки за стабилизирање на енергетските пазари.
Сепак, дел од аналитичарите се скептични дека ослободувањето резерви ќе има долгорочен ефект. Според нив, движењето на цените ќе зависи пред сè од времетраењето на конфликтот со Иран.
Во исто време, прекините во снабдувањето продолжуваат. Нафтената компанија ADNOC од Обединетите Арапски Емирати ја затвори рафинеријата Руwаис по пожар предизвикан од напад со дрон. Саудиска Арабија се обидува да го зголеми извозот преку Црвеното Море, но количините засега се недоволни за да го надоместат падот на испораките преку Ормускиот теснец.
Консултантската куќа „Вуд Мекензи“ проценува дека војната моментално го намалува снабдувањето со нафта и нафтени деривати од регионот за околу 15 милиони барели дневно, што би можело да ја зголеми цената на нафтата и до 150 долари за барел.
Дополнителен притисок врз цените создава и растечката побарувачка во САД, каде што минатата недела се намалиле резервите на сурова нафта, бензин и дестилати, според податоци на Американскиот институт за нафта.
Извор: Ројтерс
