Цените на авионското гориво во Европа на рекордно ниво

Цените на авионското гориво во Европа достигнаа ново историско ниво како последица на ескалацијата на војната на Блискиот Исток и нарушувањата во бродскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.

Според податоците на S&P Global, цената на Platts jet CIF NWE порасна на рекордни 1.698 долари за метрички тон, додека премијата во однос на ICE LSGO M1 достигна 538,25 долари за тон, највисоко ниво откако се води оваа евиденција. Истовремено, и цената на Platts jet FOB FARAG баржите достигна рекордни 1.654 долари за тон.

Пазарните учесници предупредуваат на сериозен недостиг на авионско гориво во месец април, особено поради прекинот на извозот од Блискиот Исток, кој е клучен снабдувач за Европа. Податоците покажуваат дека околу половина од европскиот увоз на авионско гориво во 2025 година потекнувал токму од овој регион.

РЕКЛАМА

Дополнително, резервите на авионско гориво и керозин во складиштата во Амстердам–Ротердам–Антверпен се намалени за 4% на неделно ниво и за 8,2% на годишно ниво, што дополнително го засилува притисокот врз цените.

Трговците посочуваат дека пазарот на авионско гориво е позатегнат во споредба со дизелот, делумно поради ограничените капацитети за складирање. Истовремено, недостигот во Азија може да пренасочи дел од испораките од САД и Западна Африка, намалувајќи ги алтернативните извори за Европа.

Рекордните вредности се рефлектираат и на дериватниот пазар, каде што разликата кај мартовските договори достигна 542 долари над априлските фјучерси за нискосулфурен гасоил, додека финансискиот swap порасна на 1.701,75 долари за тон.

Поради високата нестабилност, трговците предупредуваат дека ликвидноста на пазарот се намалува. Распонот меѓу понудата и побарувачката достигнува околу 30 долари за тон, наспроти само 50 центи пред почетокот на конфликтот.

„Тргувањето со авионско гориво е исклучително тешко. Цените можат да се поместат и за 100 долари, а учесниците на пазарот се сè уште претпазливи“, изјави еден трговец.

Според експертите, намалената ликвидност и широките распони дополнително ќе го отежнат склучувањето зделки во наредниот период.

Извор: SPglobal.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил