Лондон. 23 октомври 2025 – Цените на суровата нафта пораснаа за речиси 5% откако САД воведоа нови санкции против руските енергетски гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“ поради војната во Украина.
Според „Ројтерс“, фјучерсите на „Брент“ се зголемија за 4,8% и достигнаа цена од 65,58 долари за барел, додека американската нафта „Вест Тексас интермедиет“ (WTI) порасна за 5%, на 61,43 долари за барел.
Новите санкции предизвикаа реакција на глобалните пазари, откако кинеските државни нафтени компании суспендираа купување на руска нафта од двете санкционирани компании. Истовремено, индиските рафинерии најавија ревизија на своите набавки од Русија, а најголемиот индиски купувач „Рилајанс Индастрис“ размислува целосно да ги прекине увозите.
Американските власти порачаа дека се подготвени за дополнителни мерки доколку Москва не прифати прекин на огнот во Украина. Велика Британија минатата недела воведе идентични санкции, а Европската унија го усвои 19-тиот пакет ограничувачки мерки, кој вклучува и забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG).
И покрај растот на цените, дел од аналитичарите остануваат скептични дека санкциите ќе предизвикаат значителна промена во глобалната понуда и побарувачка. Според експертот на Rystad Energy, Клаудио Галимберти, повеќето санкции против Русија во изминатите три години не успеале суштински да ја намалат нејзината нафтена продукција или приходите.
Од друга страна, министерот за енергетика на Кувајт изјави дека ОПЕК е подготвен да ја зголеми производството доколку дојде до недостиг на пазарот.
Американската Администрација за енергетска информација објави дека резервите на сурова нафта и горива во САД се намалени минатата недела, што дополнително ги поттикна цените.
Според проценките на „UBS“, цената на „Брент“ во наредниот период ќе се движи меѓу 60 и 70 долари за барел.
Извор: Ројтерс
