Цената на нафтата порасна за 10% по нападите врз Иран. Можно искачување до 100 долари за барел

Светските цени на нафтата пораснаа за околу 10% во неделата, по американската и израелската интервенција во Иран, што предизвика нова безбедносна ескалација на Блискиот Исток и стравувања од прекин на снабдувањето.

Референтната сурова нафта „Брент“ преку шалтерско тргување достигна околу 80 долари за барел, откако во петокот се искачи на 73 долари, што е највисоко ниво од јули наваму. Тргувањето со фјучерсите беше затворено за време на викендот.

Аналитичарите предупредуваат дека цената би можела да се доближи или да ја надмине границата од 100 долари за барел доколку дојде до подолготрајно нарушување на пловидбата низ Ормускиот Теснец, клучната транзитна рута преку која се транспортира повеќе од 20% од глобалната нафта.

РЕКЛАМА

Според трговски извори, повеќето сопственици на танкери, големи нафтени компании и трговски куќи привремено ги прекинале испораките на сурова нафта, горива и течен природен гас преку теснецот, откако Техеран предупреди на ризици за пловидба во регионот.

„Доколку дојде до подолг прекин на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, очекуваме отворањето на пазарите да биде блиску до 100 долари за барел, а можно е и над тоа ниво“, оценуваат аналитичарите.

Во обид да го ублажи потенцијалниот ценовен шок, групата производители ОПЕК+ соопшти дека од април ќе го зголеми производството за 206.000 барели дневно, релативно скромно зголемување што претставува помалку од 0,2% од глобалната побарувачка.

Според проценките на енергетските консултанти, евентуално затворање на Ормускиот Теснец би можело да значи намалување на глобалната понуда за 8 до 10 милиони барели дневно, и покрај можноста дел од испораките да се пренасочат преку алтернативни нафтоводи во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Кризата ги поттикна и азиските влади и рафинерии да ги преиспитаат резервите и алтернативните извори на снабдување, при што се разгледува и зголемен увоз од Русија како замена за потенцијалниот недостиг од Блискиот Исток.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил