Бугарија ќе го прекине транзитот на руски гас кон Унгарија и Словачка до 2027 година

Софија. 30 септември 2025 – Бугарија се приклучува кон планот на Европската Унија за целосно укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027 година, со што ќе се затвори последната точка за влез на руски гас во ЕУ преку гасоводот „Турски тек“.

„Како членка на ЕУ, Бугарија ги усогласува своите активности со европското законодавство и политики, вклучително и постепеното укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027 година,“ изјави бугарскиот министер за енергетика Жечо Станков за „Политико“. Тој додаде дека од 1 јануари 2028 година се очекува целосно запирање на потрошувачката на руски гас во Европа.

Премиерот Росен Желјазков минатата недела на маргините на Самитот на ОН во Њујорк соопшти дека Софија ќе ги поддржи одлуките на ЕУ за прекин на договорите за користење и транзит на руски гас „во краток рок“.

РЕКЛАМА

Европската комисија во јуни предложи нов закон со кој увозот на руски гас постепено ќе се забранува – најпрво за краткорочните договори, а целосно за долгорочните до крајот на 2027 година.

Овој потег може да предизвика загриженост кај Унгарија и Словачка, кои околу 70% од гасот сè уште го добиваат од Русија и предупредуваат дека укинувањето ќе ја зголеми цената поради ограничени алтернативни извори.

Сепак, експерти сметаат дека двете земји можат да обезбедат замени преку увоз на течен природен гас (LNG) или дополнителни испораки од Норвешка. Станков уверува дека нема да има проблеми со енергетската безбедност и најавува консултации со соседните земји за заеднички тендери за американски LNG од следната година.

Очекувањата се Европскиот парламент и земјите-членки да ги усвојат ставовите за законот следниот месец и да постигнат конечен договор до крајот на годината.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба