Брисел. 7 август 2025 – Европската комисија започна отворена јавна консултација и објави повик за доставување докази за изработка на Стратешка патоказна рамка за дигитализација и вештачка интелигенција (ВИ) во енергетскиот сектор, чија објава се очекува во првиот квартал од 2026 година.
Целта на документот е забрзување на примената на дигитални решенија, вклучувајќи европски ВИ технологии, во клучни области за декарбонизација – оптимизација на електричните мрежи, енергетска ефикасност во зградите и индустријата, како и флексибилност на потрошувачката. Рамката ќе ги разгледа и предизвиците од зголемената потрошувачка на енергија во дата-центрите, барајќи одржливи начини за нивна интеграција во енергетскиот систем.
Консултацијата, која ќе трае 14 недели и ќе заврши на 5 ноември 2025 година, нагласува потреба од истражување, иновации и подобра координација во секторот. Ќе бидат разгледани и мерки за безбедно воведување на ВИ во голем обем, со цел ублажување на потенцијалните ризици.
Покрај јавната консултација и повикот за докази, Комисијата организира и целни работилници со засегнати страни од дигиталниот и енергетскиот сектор. Иницијативата е дел од Планот за достапна енергија и ја надополнува европската регулатива за ВИ, вклучувајќи го Законот за ВИ и Акцискиот план за ВИ на континентот.
Извор: Европска комисија