Брисел. 17 јуни 2025 — Европската комисија денеска предложи законски пакет со кој Европската унија постепено ќе го запре увозот на руски гас и нафта до крајот на 2027 година. Овој потег има за цел да ја зајакне енергетската безбедност и независност на Унијата, намалувајќи ја зависноста од руски фосилни горива.
„Русија повеќепати се обиде да не уценува со енергијата. Сега ја затвораме таа страница еднаш засекогаш“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Предлогот доаѓа како дел од имплементацијата на REPowerEU Roadmap, претставена минатиот месец, со која се дефинира координиран план за постепено исфрлање на рускиот гас од европските пазари. Според Комисијата, оваа транзиција ќе се спроведе внимателно, со цел да се минимизираат можните ценовни шокови и да се зачува сигурноста на снабдувањето.
Предлог-регулативата вклучува:
- Забрана за нови договори за увоз на руски гас од 1 јануари 2026 година.
- Прекин на краткорочните договори до 17 јуни 2026 година, освен за државите без пристап до море, каде долгите договори може да важат до крајот на 2027.
- Целосна забрана за долгогодишни договори и за терминалски LNG услуги за руски клиенти до крајот на 2027 година.
Секоја земја-членка ќе треба да поднесе план за диверзификација со конкретни чекори и рокови за елиминација на рускиот енергенс.
Комисијата уверува дека постојат доволно алтернативни извори на гас на глобалниот пазар и доволна инфраструктура за увоз, што ќе овозможи стабилен премин кон независна енергетска политика. Воедно, ќе се воведат и мерки за транспарентност, вклучувајќи обврска на компаниите да пријавуваат податоци за потеклото и патеката на гасот кој се увезува.
Предлогот ќе оди на разгледување во Европскиот парламент и Советот, каде ќе биде потребно квалификувано мнозинство за усвојување.
Иницијативата е дел од пошироките цели на ЕУ за зелена транзиција, конкурентност и обезбедување пристапна енергија, во согласност со Clean Industrial Deal и Affordable Energy Action Plan. Комисијата истакна дека ќе обезбеди поддршка за земјите што најмногу ќе бидат погодени од оваа промена.
Овој чекор следува по договорот на лидерите на ЕУ од март 2022 година во Версај и е засилен по неодамнешниот пораст на рускиот извоз во 2024 година.
Извор: Европска Комисија