Анкара. 13 октомври 2025 – Новите договори за соработка во областа на цивилната нуклеарна енергија и течниот природен гас (ЛНГ) меѓу Турција и САД претставуваат значаен чекор кон зајакнување на економските врски и енергетската безбедност на двете земји, изјави експертот Бригам Мекаун од Хадсон институтот во САД.
Според него, потпишаниот меморандум за стратешка нуклеарна соработка е „важен чекор кон унапредување на енергетската безбедност“ и има цел да ѝ помогне на Турција да го диверзифицира својот енергетси микс, намалувајќи ја зависноста од нестабилни добавувачи.
„Станува збор за стратешки потег што ги унапредува заедничките економски и безбедносни интереси,“ изјави Мекаун.
Меморандумот предвидува соработка во цивилниот нуклеарен сектор под строги правила за неширење на нуклеарно оружје, овозможувајќи размена на технологии, безбедност на горивото и усогласување на регулативите за задоволување на растечките енергетски потреби на Турција.
Експертот нагласи дека договорот ќе придонесе и за американските нуклеарни извозни амбиции, отворајќи нови работни места во САД и зајакнувајќи ја југоисточната граница на НАТО со намалување на турската зависност од руските енергетски извори.
Во краткорочен план, фокусот ќе биде ставен на обука на кадар, регулаторна соработка и можно воведување на нови американски реактори, вклучително и пилот-програми со мали модуларни реактори (SMR).
„Трансферите на технологија секогаш се чувствителна тема, па останува да се види како ќе се реализираат деталите,“ додаде Мекаун.
Договорот за ЛНГ ќе ја засили улогата на Турција како енергетски центар
Мекаун ја истакна и важноста на новиот договор за снабдување со ЛНГ, според кој Турција ќе добива по 4 милијарди кубни метри американски гас годишно од 2026 година.
„Овој договор ќе ја зацврсти позицијата на Турција како клучен енергетски центар, истовремено поддржувајќи американски работни места. Тоа е добивка за двете страни,“ рече тој.
Дваесетгодишниот договор со флексибилни услови за испорака предвидува зголемени зимски дистрибуции за покривање на сезонскиот пик на побарувачка, што, според експертот, ќе доведе до пониски сметки за потрошувачите.
Гасот ќе се транспортира од американските терминали на Заливот, а турската државна компанија БОТАШ ќе биде задолжена за транспортот и регасификацијата.
Иако договорената количина ќе покрива помалку од 10% од вкупната побарувачка на Турција, Мекаун нагласи дека и таквото зголемување на понудата може значително да ги стабилизира цените и да придонесе кон целта за 100 милијарди долари билатерална трговија.
Дополнително, примената на американски нуклеарни реактори би можела да ѝ помогне на Турција да ги намали трошоците за електрична енергија и да обезбеди поголема стабилност на електромрежата.
Извор: Aa.com.tr