Скопје. 2 октомври 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воспостави системски пристап за заштита на државата во сите судски постапки и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници, информира министерката Сања Божиновска.
Според Божиновска, Министерството ја затекнало состојбата со бројни судски предмети во кои државата била тужена без активна правна заштита. „За првпат воспоставуваме системски пристап со кој државата активно се брани во сите постапки и истовремено се покренуваат нови тужби за наплата на долгови од должници. Обврска ни е да ги штитиме средствата на граѓаните и да ставиме ред во правните постапки,“ нагласи министерката.
Според податоците, при преземањето на надлежностите Министерството затекнало шест судски предмети во вредност од 421,8 милиони денари. По активното вклучување на правниот сектор, две тужби против државата во вредност од 315 милиони денари биле одбиени, со што буџетот е заштитен, а вкупната вредност на предметите е намалена на 106,8 милиони денари.
Истовремено, Министерството утврдило дека нема покренати постапки против должници за неплатен концесиски надомест, иако постојат повеќе застарени побарувања. Затоа се покренати 17 судски постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел веќе се завршени со спогодби и позитивни пресуди.
„Нашата должност е да ги заштитиме буџетските средства, да го прекинеме долгогодишниот хаос и да ставиме ред во сите правни процеси. Со тоа ја браниме државата, а пред сè – интересот на граѓаните,“ порача Министерството.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини