Скопје. 10 септември 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) останува насочено кон развој на нови енергетски проекти, зајакнување на законската рамка и обезбедување поголема транспарентност во работењето, вели ресорната министерка Сања Божиновска во интервју за „Нова Македонија“.
Таа посочи дека веќе е започната постапката за подготовка на годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, кој, според неа, ќе донесе правна сигурност за инвеститорите и поголема подготвеност на енергетската мрежа. „Со ваквиот пристап се елиминираат несигурностите околу реализацијата на проектите, а финансиските институции добиваат предуслови за поддршка на инвестициите“, нагласи Божиновска.
Истовремено, МЕРМС ја заврши јавната постапка за финансиска поддршка на ранливите категории потрошувачи. Очекувањата се наскоро да бидат објавени конечните бројки за корисниците, при што мерката ќе обезбеди помош за домаќинства со ниски приходи, пензионери и лица во социјален ризик. „Ова е повеќе од финансиска интервенција – таа има силна социјална димензија и директно придонесува за намалување на енергетската сиромаштија“, појасни министерката.
Во фокус е и интеграцијата на здравствените аспекти во енергетиката, преку новата стратегија на СЗО за 2026–2030 година. „Енергетиката за првпат е поставена како фактор за јавно здравје. Тоа е сигнал за побрза транзиција кон чисти извори на енергија и подобра координација меѓу здравството и енергетиката“, изјави Божиновска.
Во насока на зголемена транспарентност, МЕРМС е првото министерство што јавно ги објавува сите договори за јавно-приватно партнерство. „Со овој чекор ја зголемуваме довербата на граѓаните и поставуваме нов стандард на отчетност“, истакна таа.
Нови европски стандарди се воведени и кај одобрувањето на возила, со што се намалуваат трошоците и времето за увозници и граѓани. Според проценките, досега се штедат околу 1,3 милиони евра годишно кои претходно се трошеле во странство за потврди.
Министерката информираше и за законодавните процеси – предлог-законите за енергетска ефикасност, обновливи извори и рударство се во завршна фаза, со висока вклученост на јавноста. „Целта е секое законско решение да биде усогласено со европските стандарди“, потенцира таа.
Особено внимание се посветува на контролата во рударскиот сектор, каде што досега се раскинати 45 концесии поради непочитување на законските обврски. „Имаме нулта толеранција за незаконско работење. Во првата половина на 2025 година наплатата на концесиски надоместоци е зголемена за 126 проценти и изнесува 546,9 милиони денари“, истакна Божиновска.
Со овие мерки, МЕРМС, според министерката, поставува основи за стабилен енергетски систем, фер услови за инвеститорите и заштита на интересот на граѓаните.
Енергетика 24