Скопје. 11 октомври 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во првите шест месеци од 2025 година наплатило над 500 милиони денари од концесии, што е двојно повеќе во однос на истиот период лани и претставува историски успех, изјави министерката Сања Божиновска во интервју за МИА.
– „Од почетокот на мандатот најавив дека ќе воведеме ред во системот на концесии. Секој што користи државен ресурс мора да ги исполнува обврските, без исклучок. Ги зголемивме надоместоците, воспоставивме нов систем за контрола и наплата, и резултатите се веќе видливи“, нагласи министерката.
Таа објасни дека најголем дел од наплатените средства се пренасочуваат кон општините каде што се наоѓаат рудниците, и ќе се користат за јавни потреби – паркови, улици, градинки и локални проекти, а не за администрација.
Во рамки на ревизијата на сите активни концесии, 45 договори биле раскинати поради непочитување на законските прописи. Спроведени се 170 вонредни и 78 редовни инспекциски надзори, а во тек е воведување на построги критериуми за издавање нови концесии.
– „Нашата цел не е санкција по секоја цена, туку воспоставување ред и одговорност. За првпат воведовме концесии со рок од 7 до 8 години, наместо 20 или 30, за да поттикнеме дисциплина и транспарентност во работењето“, додаде Божиновска.
Министерката потенцира дека транспарентноста е основа на новата политика – сите доделени и раскинати концесии се јавно објавени, а во завршна фаза е регистарот на одземени концесии.
Во делот на енергетиката, Божиновска истакна дека по донесувањето на новиот Закон за енергетика, е забележан зголемен интерес за инвестиции во обновливи извори – сончеви и ветерни електрани. До 1 октомври, во Министерството се пристигнати над 200 иницијативи за проекти во 2026 година, што обезбедува долгорочно планирање и правна сигурност за инвеститорите.
Министерството за првпат изготвува Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ги дефинира приоритетите за нови капацитети, модернизација на мрежите и стабилно снабдување со електрична енергија.
Божиновска најави дека батериските системи за складирање енергија ќе станат составен дел од новите електрани, со цел поголема стабилност на мрежата и флексибилност на системот. Новиот закон предвидува обврска производителите да имаат складишта со капацитет од најмалку 20% од инсталираната моќност.
Во фокус е и модернизацијата на електроенергетската мрежа. Во подготовка е Grid Master Plan, кој ќе овозможи целосен увид во состојбата и приоритетите за реконструкција, како и воведување дигитални решенија и системи за управување со мрежата (SCADA).
Министерката најави и дека Македонија активно учествува во регионални и европски иницијативи, меѓу кои е и Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври во Скопје во организација на Министерството и УНДП. На форумот ќе учествуваат над 70 земји и повеќе од 300 делегати, а целта е да се зајакне енергетската дипломатија и да се привлечат нови инвестиции.
Во интервјуто, Божиновска се осврна и на иницијативата за заштита на македонскиот рубин, кој ќе биде прогласен за национално богатство и ќе се регулира неговото ископување и тргување.
– „Рубинот е уникатен минерал, се вади само кај нас, во Прилеп и Мариово. Целта е да го заштитиме и рационално да го искористиме за доброто на граѓаните“, рече министерката.
Божиновска ја потенцира својата визија:
– „Приоритетите се ред, транспарентност и одговорност. Нашата цел е стабилен, сигурен и одржлив енергетски систем. Македонија ја гледам како модерен енергетски центар на регионот, со повеќе домашно производство, помал увоз и чиста енергија“.
Целото интервју можете да го прочитате на овој линк.
Извор: МИА