Со новиот Закон за енергетика, годишното планирање на енергетските капацитети и подготовката на првата долгорочна стратегија за рударството по речиси 30 години, државата го напушта ад-хок пристапот и воведува предвидлив инвестициски модел во еден од најкапитално интензивните сектори на економијата, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за бизнис магазинот „Капитал“.
Според неа, 2025 година била година на стабилизација и поставување правила, додека 2026 треба да донесе видливи резултати на терен, изградба на нови капацитети, посигурна мрежа и намалување на структурниот енергетски ризик за стопанството.
Закон и планови: што добиваат инвеститорите
„Со Законот за енергетика и со Годишниот план за изградба на енергетски објекти, за првпат јасно се дефинира што му е потребно на системот, кога и под кои услови. Тоа ја намалува неизвесноста и директно ја намалува цената на капиталот“, вели Божиновска.
Планот за 2025 година опфаќа 481 енергетски објект со вкупна инсталирана моќност од 1.265 MW, при што фокусот е на обновливите извори. Повеќе од 80% од планираните капацитети се соларни и ветерни електрани, а паралелно се планира зајакнување на преносната мрежа и изградба на складишта за електрична енергија.
Државата, додава министерката, не се повлекува од инвестицискиот циклус. Во реализација се државни проекти како соларната електрана од 134 MW кај Битола и почетокот на првиот голем државен ветерен парк.
Контролиран соларен бум и нов пазар за батерии
Интересот за соларни инвестиции останува висок, но повеќе нема да се дозволи неконтролиран раст што го загрозува системот.
„Секој поголем нов капацитет ќе мора да обезбеди складирање или балансирање од најмалку 20% од инсталираната моќност. Тоа не е административна бариера, туку системска заштита“, нагласува Божиновска.
Според проценките, инвестициите во батериски системи надминуваат 53 милиони евра, што отвора нов сегмент за инвеститорите, производителите на опрема и финансискиот сектор.
ЕСМ: крај на илузиите, почеток на консолидацијата
Во однос на состојбата во АД ЕСМ, министерката вели дека компанијата е наследена во сериозно нарушена финансиска и организациска состојба, но дека за првпат се спроведува реална консолидација.
„Ставивме крај на неконтролираната државна помош. Резултатите се видливи, загубата во третиот квартал од 2025 година е 14,4 милиони евра, наспроти 45 милиони на почетокот на годината“, вели таа.
Божиновска потсетува дека ЕСМ продава струја по регулирана цена од 65 евра за MWh за да се заштитат граѓаните и стопанството од ценовни шокови, иако берзанските цени во одредени периоди се движат и над 160 евра за MWh.
Рударството со правила, не со импровизации
Во рударскиот сектор, 2025 година донесе рекордна наплата од 931 милион денари од концесии, што е 2,4 пати повеќе во споредба со претходната година, и покрај тоа што биле раскинати 46 концесии поради непочитување на законите.
„Рударството мора да биде предвидливо и строго регулирано. Затоа ја финализираме Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за периодот 2026–2046“, вели министерката.
Стратегијата се подготвува со учество на МАНУ и претставува прва сеопфатна рамка по речиси три децении. Паралелно се подготвуваат и нов Закон за рударство и Закон за геолошки истражувања.
Енергетска ефикасност како најевтина инвестиција
За 2026 година, Министерството ја третира енергетската ефикасност како економска реформа, а не како социјална мерка. Во фокус се масовната реконструкција на јавните објекти, таргетираната поддршка за домаќинствата и зголемена поддршка за бизнисите со висока потрошувачка на енергија.
Регионално поврзување и понизок ризик за економијата
Како клучни инфраструктурни проекти, Божиновска ги издвојува гасните интерконектори со Грција и Србија, повторното активирање на нафтоводот „Солун – Скопје“ и интеграцијата во европскиот енергетски пазар.
„Ова не се геополитички теми, туку прашање на цената на ризикот за економијата. Повеќе правци значи помала зависност и поголема стабилност“, заклучува таа.
Извор: Капитал
