Скопје. 22 јануари 2025 – Македонија влегува во нова фаза на енергетски развој, со јасна стратегија и инвестиции вредни над 1,35 милијарди евра, порача министерката за енергетика Сања Божиновска во колумна за порталот Фактор. Според неа, енергетската транзиција повеќе не е избор, туку економска и безбедносна нужност.
Со формирањето на посебно Министерство за енергетика и донесувањето нов Закон за енергетика, државата, како што наведува Божиновска, воспоставила јасна институционална и правна рамка и ставила крај на ад-хок управувањето во секторот.
Клучен документ е Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2025 година, кој опфаќа 481 проект што се реализирани или се во завршна фаза, со фокус на обновливи извори. Доминираат фотонапонските централи, но паралелно се планираат и ветерни електрани, биомаса и биогас со вкупен капацитет од 426 мегавати.
За првпат се предвидува и изградба на системи за складирање електрична енергија, со батериски капацитет од речиси 2.146 MWh, што, според министерката, ќе ја зајакне стабилноста на системот и ќе го олесни интегрирањето на зелените капацитети.
Паралелно се најавува модернизација и дигитализација на преносната мрежа и на МЕПСО, со цел енергетскиот систем да биде подготвен за современиот децентрализиран модел на производство.
„Македонија повеќе не чека. Таа гради – одговорно и стратешки“, порачува Божиновска, додавајќи дека целта е стабилен енергетски систем, интегриран во европскиот пазар.
Енергетика 24
