Вашингтон. 6 април 2026 – Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска оствари средба во Белата куќа со Џарод Аген, кој е близок соработник на американскиот претседател, Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација. Во фокус на разговорите биле можностите за продлабочување на енергетската соработка меѓу Македонија и САД.
По средбата, Аген се огласи на својата LinkedIn платформа, каде сподели детали од разговорите:

„Продажба на американски ЛНГ! Денес во Белата куќа ја пречекав министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси на Македонија, Сања Божиновска, за да разговараме за проширување на енергетските партнерства.
Опфативме многу прашања! Американски ЛНГ, мали модуларни реактори (SMRs), критични минерали, електрична мрежа и друго…
Толку многу можности за фокус на базна енергија со одлични американски компании. Долгорочни договори за американска енергија што можат да го променат енергетскиот пејзаж во регионот со децении.“
Инаку, Божиновска престојува во Вашингтон како дел од високата владина делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји. Се очекува енергетиката да биде едно од централните прашања за кое ќе се дискутира во рамките на дијалогот.
Средбата отвора простор за потенцијални инвестиции и долгорочни договори во енергетскиот сектор, особено во делот на снабдување со течен природен гас и развој на стабилни извори на енергија, со што би се зајакнала енергетската сигурност и соработката меѓу двете земји.
Енергетика 24
