Скопје. 22 март 2026 – Во вечерното гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, министерката за енергетика Сања Божиновска порача дека снабдувањето со горива во земјата е стабилно, додека Владата активно работи на мерки за спречување на ценовни шокови и ублажување на притисокот врз граѓаните.
Според неа, на пазарот има доволни количини на нафтени деривати, а институциите континуирано ја следат состојбата. Пазарната инспекција извршила контроли и утврдила дека сите снабдувачи ги имаат задолжителните резерви, додека државата располага и со стокови резерви доволни за околу 60 дена.
– „Во моментов нема никаков проблем со снабдувањето, но ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и движењата на пазарот“ – истакна Божиновска.
Таа информира дека Владата остварила комуникација со околу 95% од снабдувачите, кои увериле дека нема нарушувања во испораката. Воедно, нагласи дека ОКТА и продуктоводот имаат значајна улога во одржување на стабилноста.
Зголемената побарувачка, особено во пограничните региони поради пониските цени во споредба со соседството, исто така е во фокусот на институциите. Според министерката, таму дневно се точат околу 160.000 литри гориво.
Паралелно со стабилното снабдување, Владата презема конкретни чекори за контрола на цените. Веќе е донесена одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, што носи намалување од шест до седум денари по литар. Божиновска очекува дека Регулаторна комисија за енергетика ќе ги земе предвид овие мерки при носењето на новите ценовни одлуки.
Министерката потсети дека на 13 март бил постигнат договор со ОКТА за попуст, кој подоцна се одразил со пониски цени на бензинските пумпи.
– „Ќе се јавиме утре пак и ќе видиме за што понатаму да се направи со цел граѓаните да немаат некои ценовни шокови“ – рече Божиновска.
Таа додаде дека Државниот пазарен инспекторат спровел над 300 контроли, а очекувањата се дека и во наредниот период компаниите ќе излезат во пресрет со дополнителни отстапки за да се задржи ценовната стабилност.
Во однос на можните идни мерки, Владата разгледува и намалување на акцизата, која би можела да се коригира за еден до четири денари, зависно од движењето на светските цени. Сепак, како што нагласи министерката, намалувањето на ДДВ е избрано како поефикасна и поголема интервенција.
– „Со нашата одлука за намалување на ДДВ на горивата, се одлучивме за поголема мерка и секако имаме план. Разговараме и со Брисел и гледаме секоја земја како ќе носи одлуки“ – истакна таа.
Во меѓувреме, Владата ги следи и движењата на светските берзи, како и новата методологија на РКЕ за неделно утврдување на цените, со цел навремено да реагира доколку има поголеми осцилации.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека преку нови договори со компаниите може да се обезбеди дополнително намалување на цените.
„Имајќи превид дека веќе разговаравме со ОКТА и таму одобрија попуст по 2 денари по литар, а очекувам дека во текот на утрешниот ден министерката за енергетика, минерални суровини и рударство ќе разговара со директорот на ОКТА да се зголеми овој попуст, односно рабат коишто тие го даваат на трговците коишто се нивни корисници, тогаш очекувам да во суштина имаме и пониска цена од оваа максималната којашто ја определува РКЕ којашто би била за до 3 денари пониска во делот на бензините 95 и 98 октани, а за дизел горивото отприлика да немаме зголемување на цената којашто и досега беше 92 денари“, рече Мицкоски.
Дополнително, Божиновска нагласи дека Владата е отворена за конструктивни предлози, реагирајќи на критиките од опозицијата, но истакна дека ефектите од мерките ќе бидат видливи.
Покрај даночните мерки, Владата веќе донесе одлука и за ослободување на одредени количини мазут од државните резерви, со цел да се ублажи евентуалниот раст на цените на горивата и електричната енергија.
Со ваков пристап, институциите најавуваат дека ќе продолжат со внимателно следење на состојбата и навремено ќе интервенираат за да го заштитат стандардот на граѓаните во услови на нестабилни глобални енергетски трендови.
Енергетика 24
