Скопје. 12 септември 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска соопшти дека на координациски состанок со сите релевантни институции биле разгледани тековните активности и подготвителни мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона.
На состанокот, кој се одржа во просториите на Министерството, присуствуваа претставници од компаниите и институциите од енергетскиот сектор, меѓу кои и раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС и НЕМО. Тие ги презентираа своите ставови, предизвици и предлози за унапредување на системот и зајакнување на координацијата.
Како клучни точки беа разгледани напредокот на проектите за енергетска инфраструктура, обезбедувањето енергенси, плановите за функционирањето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот, како и одржувањето на стабилноста на системот.

Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека приоритет останува сигурното и стабилно снабдување со енергија за граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
Ова е првпат Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да воспостави пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции, со цел навремено информирање и усогласување на активностите.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини