Божиновска: По години застој, Македонија ја рестартира енергетската стратегија

Скопје. 9 октомври 2025 – Македонија влегува во период на засилени инвестиции во енергетскиот сектор, со рекорден број иницијативи за изградба на нови капацитети за производство и складирање на електрична енергија. На денешниот брифинг во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, министерката Сања Божиновска најави дека во планот за 2026 година е вклучена и изградба на когенеративна гасна централа со моќност од 495 мегавати, проект што ќе претставува значаен чекор кон диверзификација на енергетските извори и зголемување на стабилноста на националниот систем.

Божиновска објасни дека станува збор за постројка што ќе произведува и електрична и топлинска енергија, а реализацијата на проектот се очекува да започне во текот на следната година. Деталите за инвеститорот и локацијата засега не се откриваат поради обемната документација и тековните постапки на проверка. Министерката нагласи дека Министерството ќе даде приоритет на проекти со целосна и законски усогласена документација и со инвеститори кои имаат реален капацитет и искуство за изградба и управување со ваков тип централи.

Покрај тоа, интересот за изградба на енергетски објекти е поголем од кога било. До 1 октомври годинава пристигнале барања за изградба на капацитети со вкупна моќност од над 7.100 мегавати, од кои дури 4.172 мегавати се однесуваат на батериски системи за складирање на електрична енергија. Најавени се и бројни иницијативи за фотоволтаични централи со моќност од 5.052 мегавати и ветерни паркови со 1.590 мегавати, како и интегрирани решенија што комбинираат обновливи извори и системи за складирање. Според Божиновска, овој податок покажува дека приватниот сектор има сериозен интерес за вложување во модерни технологии и зелена енергија, но државата ќе одлучува врз основа на приоритетите и развојната стратегија на енергетскиот систем.

РЕКЛАМА

Паралелно со напредокот во енергетските проекти, Министерството спроведува и засилена контрола во рударскиот сектор. Од почетокот на годината до сега раскинати се 46 концесии за ископ на руда и градежни суровини, од кои 34 еднострано поради недоволна динамика на работа, а 11 поради истек на договорите без можност за нивно продолжување. Како што посочи министерката, ваквите одлуки се резултат на 248 извршени контроли – 170 од нив вонредни – со цел да се обезбеди законско, еколошки одговорно и транспарентно користење на природните ресурси. Последната одземена концесија се однесува на локалитет во општина Гази Баба.

Министерството најави и реформа во системот на надзор и контрола: ќе се формираат регионални единици во Прилеп и Штип со вработени локални инспектори, а времетраењето на концесиите во иднина ќе се ограничува на седум до осум години, наместо досегашните три децении. Воедно, ќе биде набавен дрон со специјализиран софтвер за следење на теренските активности на концесионерите, со цел зголемена транспарентност и поефикасна контрола.

Божиновска потврди дека Министерството првпат активирало банкарски гаранции во вредност од 39,4 милиони денари (околу 2,4 милиони евра) за четири компании кои не ги исполниле своите договорни обврски при инвестирање во фотоволтаични централи. Станува збор за фирмите ЕМК ДООЕЛ – Мали хидроелектрани, Пуцкопетрол, СБН Енерги увоз-извоз Кичево и Сол груп 5 ДОО Скопје. „Со оваа мерка испраќаме јасен сигнал дека државата нема да толерира непочитување на правилата и одлагање на инвестиции“, рече министерката.

На брифингот беше претставена и иницијативата за заштита на македонскиот рубин како национално минерално наследство. Министерството започнува постапка со која овој редок минерал, кој природно се наоѓа само во околината на Прилеп и Мариово, ќе добие правна заштита на потеклото и ќе биде препознаен како единствен природен рубин во Европа. „Веруваме дека рубинот може да стане македонски бренд и симбол на нашето природно богатство“, заклучи Божиновска.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба