На маргините на Вториот министерски самит на четирите земји – Македонија, Бугарија, Грција и Србија, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари билатерална средба со бугарската министерка за енергетика Ива Петрова.
Средбата се одржа во салата „Македонска соба“ во Палатата Србија во Белград, а на неа учествуваа претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕПСО и НОМАГАС, како и високи претставници и раководители на значајни енергетски компании и субјекти од Бугарија.
Во разговорите беше ставено акцент на продлабочување на билатералните односи во енергетиката, со фокус на конкретни проекти, размена на искуства и можности за заеднички активности.
Една од темите беа батериските системи за складирање електрична енергија. Македонската страна изрази интерес за искуствата на Бугарија во техничките решенија, регулативата, финансирањето и реализацијата на ваквите проекти. Бугарската страна изрази подготвеност да ги сподели своите искуства, експертиза и технички знаења со македонските институции и компании.
Разговарано беше и за продолжување на започнатата соработка за подобро поврзување на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија.
Во рамки на средбата беше опфатена и темата енергетска сиромаштија, при што беа разменети искуства за мерките и политиките што можат да придонесат за обезбедување подостапна и сигурна енергија за граѓаните.
Министерките разменија мислења за идните енергетски планови и проекти на двете земји и нивното поврзување со регионалните приоритети. Разгледана беше и можноста за заеднички настап пред меѓународни финансиски институции и донатори за обезбедување средства за стратешки и регионално значајни енергетски проекти.
Во разговорите беа опфатени и новите технологии во енергетиката, како и можностите за посилно поврзување на компаниите и институциите од двете земји. Во тој контекст, беше нагласено значењето на соработката меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО и нивните соодветни партнери во Бугарија, со цел размена на знаења и искуства и развој на конкретни активности.
Разговарано беше и за Иницијативата Исток–Запад, во чии рамки е предвидена изградба на дополнителна интерконекција меѓу македонскиот и бугарскиот електропреносен систем, како и идни надградби и унапредување на постојната интерконекција меѓу Македонија и Грција.
Реализацијата на овие инфраструктурни проекти, заедно со останатите тековни и планирани енергетски проекти, ќе овозможи подобро регионално поврзување и зголемување на преносните капацитети, а со тоа и поголеми можности за размена на електрична енергија.
На средбата беше истакнато дека реализацијата на Иницијативата Исток–Запад и другите стратешки енергетски проекти ќе придонесат за зајакнување на улогата на Македонија во регионалниот енергетски систем, преку подобро поврзување на пазарите и унапредување на сигурноста на снабдувањето.
Двете страни го истакнаа потенцијалот за понатамошна регионална интеграција, размена на експертиза и заеднички инвестиции, со цел создавање посигурен и постабилен енергетски систем во Македонија, Бугарија и поширокиот регион.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
