Божиновска од Атина: Балканот мора да гради заедничка енергетска иднина

Атина. 29 април 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на 9. Балкански енергетски самит во Атина, организиран под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Македонија.

Божиновска се обрати на отворањето на самитот и учествуваше во министерски панел посветен на енергетската соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од регионот. Дискусијата се фокусираше на регионалната енергетска безбедност, транзицијата кон чисти извори на енергија и одговорот на глобалните предизвици.

„Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина“, порача министерката Божиновска..

Advertisement

Таа истакна дека Македонија, иако мала, е активен чинител во регионалната енергетска сцена. Земјата презема чекори за либерализација на пазарот на електрична енергија, инвестира во обновливи извори и ја модернизира енергетската инфраструктура.

„Веќе инвестираме во нови фотоволтаични електрани, го прошируваме ветерниот парк Богданци и ја градиме енергетската мрежа на иднината – со паметни технологии, подобрена ефикасност и поврзување со соседните земји. Само така можеме да создадеме вистински функционален регионален пазар, рече Божиновска.

Министерката нагласи дека енергетската безбедност бара комбинација од државни инвестиции во базични капацитети и активно учество на приватниот сектор. Македонија бележи голем интерес од инвеститори за ветерни и соларни капацитети, со барања за приклучување од 9.500 MW.

„Државата обезбедува сигурност, а приватниот сектор носи иновации за зелената транзиција“, додаде таа.

Божиновска го најави новиот Закон за енергетика, кој е во парламентарна процедура и ќе ја зајакне основата за инвестиции во обновливи извори и модернизација на секторот. Таа потенцираше дека енергијата е темел за економски раст, независност и отпорност на глобалните предизвици.

„Енергијата е основата на иднината. Отворени сме за партнерства и заедничко креирање на регион – пример за Европа“, заклучи министерката.

Балканскиот енергетски самит собра над 40 говорници, вклучувајќи министри, регулатори и енергетски компании, и се потврди како клучна платформа за стратешки партнерства и инвестиции во енергетскиот сектор на Балканот.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement