Божиновска: Новото Министерство за енергетика е порака дека енергетиката е срцето на економскиот развој

Скопје. 29 септември 2025 – Градењето ново Министерство за енергетика е како градење куќа со здрави темели, функционални ѕидови и покрив од вредности што ќе ја штитат институцијата и ќе ѝ дадат препознатлив идентитет. Со оваа метафора министерката за енергетика Сања Божиновска го опиша процесот на формирање на новата институција, зборувајќи на панелот „Жени во енергетиката“ во рамки на Конференцијата „Јас сум жена“, одржана во текот на вчерашниот ден.

Божиновска истакна дека идејата за самостојно Министерство за енергетика произлегла од потребата за фокусирана институција која целосно ќе ја координира енергетската политика, што досега била дел од пошироки ресори. „Кризите во снабдувањето, транзицијата кон зелена економија, големите инфраструктурни инвестиции и европската агенда за декарбонизација покажаа дека ни треба министерство кое ќе биде целосно посветено на оваа стратешка област“, рече таа.

Министерката нагласи дека во темелите на Министерството се вградени професионалноста, компетентноста, транспарентноста и отчетноста кон граѓаните. „Секое домаќинство и секој бизнис ја чувствуваат енергетската политика. Затоа нашата визија е одржлива иднина, усогласена со европските зелени цели и заштита на животната средина. Вложуваме во култура на партнерство – со граѓаните, стопанството и меѓународните институции – заедно да ги спроведеме големите реформи“, истакна Божиновска.

РЕКЛАМА

Предизвици: застарена инфраструктура и финансирање

Како најголем предизвик во реформите министерката ја наведе потребата да се обезбеди сигурност на снабдувањето и стабилност на системот, паралелно со зелената транзиција. Производните капацитети, како и преносната и дистрибутивната мрежа, се градени пред децении и не се дизајнирани за интеграција на големи количества обновлива енергија, што бара значителни инвестиции и внимателно планирање за да не се наруши стабилноста.

Вториот предизвик, рече таа, е финансирањето на реформите, кои се скапи, особено изградбата на нови капацитети, дигитализацијата на мрежите и проектите за енергетска ефикасност. „Затоа работиме со комбинација од јавни инвестиции, европски фондови и приватен капитал“, објасни Божиновска.

Третиот предизвик е административната и регулаторната рамка. „За да успеат реформите, потребна е транспарентна и предвидлива регулатива што ќе го охрабри приватниот сектор да инвестира – поедноставени процедури, брзи дозволи и јасни пазарни правила“, додаде таа.

Конкретни чекори и зелена енергија

Божиновска потсети дека веќе се зголемува уделот на обновливите извори. Во подготовка се нови фотоволтаични и ветерни капацитети, а со поддршка на меѓународни партнери се работи на модернизација на електропреносната и дистрибутивната мрежа како предуслов за интеграција на зелена енергија. Донесени се нови закони и стратегии што отвораат вратата за поголеми приватни инвестиции, а се спроведуваат и програми за енергетска ефикасност во домаќинствата и јавните институции.

„Овие чекори покажуваат дека реформите не се само визија, туку реалност што веќе се случува. Патот е долг, но со јасна визија и соработка со сите актери и најкомплексната инфраструктура може да стане основа за модерна и одржлива енергетска приказна“, рече министерката.

Енергетска дипломатија и регионална стабилност

Говорејќи за „енергетската дипломатија“, Божиновска ја нагласи потребата од прекугранична енергетска стабилност и регионална соработка. „Регионалниот енергетски систем е тесно поврзан – ниту една земја сама не може да обезбеди сигурност, особено во време на транзиција. Затоа енергетската дипломатија значи да градиме мостови преку ресурси, инфраструктура и заеднички интереси“, посочи таа.

Како приоритети ги наведе поврзувањето на електропреносната и гасоводната мрежа со соседите и усогласувањето на пазарните правила и регулативи за инвеститорите да имаат доверба дека регионот е предвидлив и отворен. „Нашата визија е Македонија да биде енергетски стабилна за граѓаните и компаниите, доверлив партнер во регионот и земја што ја гледа енергијата како можност за развој, нови работни места и чиста иднина“, додаде Божиновска.

Заштита на македонскиот рубин

Министерката потсети и на иницијативата за институционална заштита на македонскиот рубин – геолошки уникат кој природно се вади и обработува единствено во Прилеп и Мариово и е единствениот рубин во Европа. „Ова е само почеток на процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство како дел од националниот идентитет и природна гордост“, рече таа.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба