Скопје. 16 Мај 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска изјави дека во најкраток рок ќе се утврди методот за изградба на хидроцентралата Чебрен, проект кој треба да остане во државна сопственост.
Најубаво е како држава сами да ја изградиме, но се работи за проект кој ќе чини најмалку една милијарда евра што не е мала ставка знаејќи каков ни беше Буџетот, рече Божиновска во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.
Проектот Чебрен, чии планови во ЕСМ датираат од 1962 година, досега имаше 14 неуспешни тендери. „Овој пат сакаме сè да направиме правилно. Анализираме дали ќе се гради заедно со Галиште, висината на браната и ги финализираме пресметките за трошоците“, појасни Божиновска. Таа додаде дека работна група формирана во декември веќе одржала неколку состаноци за да се обезбеди напредок.
Во однос на новиот Закон за енергетика, усвоен неделава во Собранието, Божиновска истакна дека се чека неговото потпишување од страна на претседателката Силјановска-Давкова за да стапи во сила.
„Првиот чекор е направен. Веќе работиме на методологијата за енергетска сиромаштија, а некои компании ги разгледуваат можностите за изградба на батерии за складирање енергија од обновливи извори. Некои процеси ќе се одвиваат брзо, а за други ќе треба време поради изработка на подзаконски акти“, заклучи министерката.
Енергетика 24