Скопје. 17 јуни 2025 – Со јасна визија за забрзана енергетска транзиција и конкретни чекори за одржлива енергетска иднина, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, вчера го отвори Македонскиот енергетски форум (МЕФ), кој годинава повторно се потврдува како значајна платформа за стратешки дијалог во областа на енергетиката кај нас и во регионот.
Во обраќањето, министерката истакна дека стабилната и сигурна енергија повеќе не е луксуз, туку неопходност, посочувајќи ги геополитичките кризи, климатските предизвици и потребата за фер и чиста енергетска иднина.
Во говорот, Божиновска го истакна донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој ја отвора вратата за целосна либерализација на пазарот и значително олеснување за инвеститорите и потенцираше дека усвојувањето на законите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија се клучни за наредните чекори во напредокот на Македонија кон декарбонизација и предизвиците што ги носи овој процес.
Ние сме во последните чекори од донесување на Законот за енергетска ефикасност и Законот за обновливи извори. Што значи дека кога ќе ги донесеме овие два закони, до септември очекувам, ќе имаме јасен план и што понатаму. Меѓутоа, подзаконските акти темелно се работат, ќе треба од 9 до 12-15 месеци да се изработат сите, бидејќи тоа е за целиот енергетски сектор. Така што, работиме на тоа, не е нешто што може да го планираме за недела-две, изјави таа по отворањето на Македонскиот енергетски форум
Истовремено, министерката најави имплементација на најамбициозната инвестициска агенда досега, која вклучува:
- Фотоволтаични електрани со капацитет над 1,6 GWh до 2030;
- Модернизација на преносната мрежа за подобра интеграција на зелени извори;
- Интерконектори за природен гас со Грција, Србија и Косово;
- Проекти за складирање енергија и зелени хидрогенски капацитети.
Покрај ова, Божиновска нагласи дека Македонија, како активен член на Енергетската заедница, ја води енергетската политика во насока на усогласување со европското законодавство и Зелениот договор. Таа испрати силна порака дека „ниту една држава од Западен Балкан не може сама да ја изгради енергетската иднина“ и повика на заеднички напори и координирана регионална соработка.
Притоа, министерката ја потенцираше одговорноста кон граѓаните и природата, преку активности за намалување на загадувањето, подобрување на енергетската ефикасност, воведување паметни мрежи и дигитални решенија, и едукација за енергетска писменост.
„Сакаме граѓаните да бидат не само потрошувачи, туку и производители и активни заштитници на животната средина“, рече Божиновска.
Македонскиот енергетски форум продолжува и денес, со сесии и панел-дискусии со учество на експерти, инвеститори и претставници на институции, кои заеднички ќе ги трасираат следните чекори кон поодржлива и посигурна енергетска иднина.
Енергетика 24