Скопје. 30 октомври 2025 – На последниот ден од 14. Меѓународен форум за одржлив развој на енергетиката, што се одржува во Скопје, министерката за енергетика, рудасртво и минерални ресурси, Сања Божиновска, испрати силна порака за еднаквоста, лидерството и улогата на жените во енергетскиот сектор, нагласувајќи дека вистинската енергетска транзиција не може да успее без родова инклузивност и рамноправност. Зборувајќи на панелот насловен како: „Жените во енергетиката“ Божиновска нагласи дека:
„Денес зборував не само како министерка, туку и како жена која верува дека енергетиката не е машки свет — тоа е свет на визија, знаење и храброст. Гордa сум што Министерството за енергетика денес е пример за рамноправност – институција во која компетентноста нема пол, а жените ја движат трансформацијата на енергетскиот сектор“.
Таа потсети дека кога ја презела функцијата, си дала ветување дека ќе ја промени перцепцијата дека енергетиката е резервирана само за мажите.
„Кога ја презедов оваа функција, си дадов ветување дека ќе направам сè што е во моја моќ за да ја променам перцепцијата дека енергетиката е машки свет. Не е. Тоа е наш свет, свет што подеднакво им припаѓа на жените и на мажите со знаење, визија и волја“.
Божиновска посочи и дека Министерството за енергетика денес е меѓу институциите со највисок степен на родова рамноправност, со повеќе жени од мажи и со бројни одделенија што ги водат стручни, посветени и силни жени.
„Тие се доказ дека компетентноста нема пол,“ нагласи министерката, додавајќи дека вистинската енергетска реформа не е можно да се постигне без женската енергија, знаење и лидерство.

Во своето обраќање, таа ја истакна и својата улога како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, регионална мрежа која ги поврзува и поддржува жените лидери низ целиот Јадрански регион. Преку оваа иницијатива, како што рече, се создаваат можности жените да бидат дел од управни и надзорни одбори, да заземат лидерски позиции и активно да придонесуваат во донесувањето стратешки одлуки.
„Верувам дека жените заслужуваат повеќе – повеќе можности, повеќе признание, повеќе лидерство. Но исто така верувам дека за тоа мора да се избориме. Рамноправноста не е услуга, туку право, нешто што мора да го бараме, да го браниме и да го градиме заедно. А феминизмот, во својата суштина, не значи натпревар со мажите, туку стоење рамо до рамо со нив, како еднакви партнери што ја делат истата визија за напредок,“ изјави министерката.
Во емотивен дел од говорот, таа им се обрати на младите жени со порака на охрабрување:
„До секоја млада жена што слуша денес:
Не чекај дозвола за да водиш – заземи го своето место.
Не ги замолчувај своите идеи – кажи ги гласно.
Не се сомневај во својата сила – посилна си отколку што мислиш.“
На крајот од говорот, министерката ја заокружи својата порака со инспиративен повик:
„Да бидеме тие жени што прават работи – што водат, инспирираат, создаваат и ја напојуваат енергетската иднина. Зашто кога жените се издигнуваат – се издигнува и општеството. Кога жените водат – државите напредуваат. А кога жените го заземаат своето место во енергетиката – светлината свети посилно, за сите.“
Енергетика 24
