Божиновска: Македонија тргнува во нова енергетска ера

Македонија се позиционира како нов играч на енергетската карта на Европа. Со донесувањето на новиот Закон за енергетика и целосната реформа на секторот, државата стапува на патот на енергетска независност, зголемена продуктивност и зелен развој. За првпат, преносната мрежа, обновливите извори, рударството и граѓанското учество се обединети во системски пристап што носи резултати. Веста не е само дека имаме нов закон – туку дека имаме нова визија.

Скопје. 15 јули 2025 – Во обемно интервју за печатеното издание на „Економија и бизнис“, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја претставува својата визија за Македонија како стабилен, модерен и енергетски одржлив систем – земја што произведува и извезува чиста енергија, а истовремено ги штити ресурсите, граѓаните и животната средина.

Во интервјуто, министерката образложува дека Македонија се наоѓа на прагот на најголемата трансформација во енергетскиот сектор досега. Со новиот Закон за енергетика, државата воспоставува нов системски поредок во кој граѓаните, институциите и индустријата ќе добијат предвидливост, модерна инфраструктура и пристап до чиста, обновлива енергија. „Овој закон не е само правен текст. Тоа е стратегија, основа за нова енергетска слика, за ред, за инвестиции и за јасна државна контрола“, вели Сања Божиновска.

Со серија новитети – како што се фотоволтаици на згради, можност граѓаните да продаваат струја, воведување паметни броила, системи за складирање енергија, како и јасно регулирана електромобилност – законот поставува рамка за долгорочна стабилност. Обврската секој нов капацитет да има 20% складирање е „потребен чекор за балансирање на мрежата и за поголемо искористување на обновливите извори“, објаснува министерката.

РЕКЛАМА

Уште поважно, во креирањето на законот се прифатени над 60 амандмани од опозицијата – што е редок случај на политичка инклузивност во домашниот контекст.

„Решивме од почеток да работиме инклузивно и системски. Покажавме дека кога станува збор за енергетска сигурност, државните интереси се над партиските. Тоа беше свесна и принципиелна одлука“, потенцира таа.

Стратегијата на Министерството се темели на паралелно вложување во нови производни капацитети и во енергетска ефикасност. „Без нови капацитети нема струја, без ефикасност – расипничиме. Работиме на двете паралелно“, вели Божиновска.

Најавени се големи проекти: соларна фарма од 200 MW, ветерен парк кај Миравци од 100 MW, како и трансформација на поранешните термоелектрани во Битола и Осломеј во зелени енергетски центри. Истовремено, започнуваат програми за обновување и енергетска санација на училиштата, болниците и другите јавни институции.

Во фокус е и обновата на преносната мрежа. „Преносната мрежа беше целосно запоставена. Не можеме да дозволиме непланирана и неконтролирана изградба. Затоа воведовме обврзувачко планирање и десетгодишен мастер план за развој“, истакнува Божиновска.

Покрај ова, во тек се капитални инвестиции како новата трансформаторска станица ТС Битола 2, меѓудржавното поврзување со Албанија, трансформаторските станици во Милетково и Охрид, како и подземна оптичка линија до ТЕТО што ја зајакнува безбедноста на комуникациската мрежа.

Истовремено, не се заборава ни рударството – сектор кој, според министерката, има потенцијал за девизен прилив, но нема да се дозволи развој без еколошка одговорност.

„Ќе има рудници само ако се одговорни, одржливи и ја почитуваат заедницата. Без транспарентност – нема зелено светло“, предупредува таа. Концесиските надоместоци веќе се зголемени, со двојно повисоки приходи само во првиот квартал од 2025 година – 247 милиони денари.

Исто така, Македонија се подготвува и за европските барања преку механизмот CBAM, кој воведува даночни давачки за компании што користат енергија од фосилни извори. „Компаниите што не користат чиста енергија ќе плаќаат повеќе. Но тие што инвестираат во ефикасност и обновливи извори ќе останат конкурентни – и ќе имаат државна поддршка“, нагласува Божиновска. За таа цел, Министерството веќе воведе систем на гаранции за потекло на струја, а првите сертификати се издадени за хидроелектраните „Козјак“ и „Вруток“.

По 25 години професионална кариера во странство, Сања Божиновска вели дека ја прифатила функцијата не заради позицијата, туку заради суштината. „Мојата цел не е функцијата сама по себе, туку суштината. Имаме реална шанса да го смениме курсот на македонската енергетика – и нема да ја испуштиме“, уверена е таа.

Под нејзино водство, започна изградбата на гасен интерконектор со Грција, проект што ја отвора Македонија како транзитна земја за природен гас кон Европа. „Започнавме да работиме домаќински и со јасна стратегија. Граѓаните ќе го почувствуваат тоа – во сметките, во стабилноста, во иднината“, заклучува министерката.

Веќе не станува збор само за производство на струја – туку за визија во која Македонија станува регионален извозник на енергија, одржливо управувана економија и пример за европски модел на транзиција.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads