Ред, инвестиции и енергетска дипломатија: Детален отчет на Министерството за енергетика за сработеното во 2025 година
Скопје. 9 јануари 2026 – Воведување на строг ред во концесиите со енормен раст на приходите, дефинирање на јасен план за изградба на нови 1.265 MW, историски напредок во рангирањето на Енергетската заедница и силна социјална компонента. Ова се клучните поенти од годишниот отчет на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое 2025 година ја оцени како година на институционална консолидација и транспарентност.
Транспарентност и институционална мобилизација Министерството информира дека во текот на годината реализирале над 250 соопштенија и брифинзи, воспоставувајќи целосна отвореност кон јавноста. Министерката Сања Божиновска остварила над 700 работни средби со домашни и меѓународни партнери. Клучен новитет е формирањето на стручни тела:
- Координативно тело за електрична енергија;
- Советодавно тело за топлинска енергија;
- Советодавно тело од еминентни универзитетски професори за стратешки насоки.
Преку засилена институционална активност и широка вклученост на стручната јавност, поставивме јасни основи за стабилност и долгорочен развој, со фокус на транспарентност и активна енергетска дипломатија“, истакна министерката Божиновска.
Финансиска дисциплина: Рекордни приходи и правна заштита Воведувањето ред донесе видливи финансиски резултати:
- Приходи од концесии: Наплатени се рекордни 931 милион денари, што е за 2,4 пати повеќе од 2024 година.
- Контрола: Раскинати се над 45 концесии поради непочитување на законите, а воведен е и надзор со дронови.
- Заштита на буџетот: Преку активна правна стратегија, вредноста на судските спорови против државата е намалена од 421,8 на 106,8 милиони денари, при што се одбиени тужби вредни 315 милиони денари.
Енергетска карта 2025: Нови 1.265 MW За првпат е усвоен Годишен план за изградба на енергетски објекти кој опфаќа 481 објект со вкупна моќност од 1.265 MW. Фокусот е целосно на зелената енергија:
- 812 MW фотонапонски централи;
- 426 MW ветерни капацитети;
- Инвестиции во складирање на енергија (батериски системи).
За поддршка на ова, исплатени се 40 милиони денари премии за фотоволтаици и издадени се над 122.000 гаранции за потекло на енергијата.
Стратешка инфраструктура и поврзување со соседите Министерството ги потврди роковите за клучните меѓународни проекти:
- Гасовод со Грција: Се очекува да стартува во 2027 година. Капацитет од 1,5 до 3 милијарди кубни метри годишно.
- Гасовод со Србија (Клечовце-Врање): Завршување во 2027, проток на гас во 2028 година.
- Нафтовод Солун-Скопје: Донесена одлука за реактивирање по 12 години пауза, со капацитет од 400.000 тони дизел годишно.
Скок во Енергетската заедница Реформите се валоризирани преку извештаите на Енергетската заедница, каде Македонија бележи раст во сите сегменти:
- Сигурност во снабдување: скок од 21% на 41%;
- Пазарна интеграција: раст од 54% на 61%;
- Институционална подготвеност: високо ниво од 76%.
Грижа за граѓаните и енергетска ефикасност Социјалниот аспект останува приоритет преку директна помош:
- 42,3 милиони денари за субвенции на сметки за струја (по 1.000 денари месечно за ранливи категории);
- 170 милиони денари за инвертер клими;
- Заштита од исклучување во зимски период за најранливите.
На полето на енергетската ефикасност, усвоен е план за реновирање на 14 јавни згради (површина од 102.992 m²) во кои работат 33 институции, со цел намалување на трошоците и емисиите.
Меѓународен углед и национално богатство Годината беше заокружена со домаќинството на 14. Меѓународен форум за одржлива енергија и потпишувањето на „Декларацијата Скопје“. Дополнително, Министерството започна процес за законска заштита на македонскиот рубин како национално минерално наследство.
Енергетика 24
