Скопје. 12 ноември 2025 – Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најави дека до крајот на овој или почетокот на следниот месец ќе ги соопшти новите цени за пренос и дистрибуција на електрична енергија.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, не очекува значителни промени во овој дел.
„МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67% за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не побара зголемување, а ’Електродистрибуција’ нема наведено во своето барање“, изјави Бислимоски, кој денеска присуствуваше на третата конференција на МАРЕС, посветена на структурирање на иднината на обновливата енергија.
Тој додаде дека во текот на овој месец ќе биде тендерот за набавка на загуби на електрична енергија, кој има исклучително големо влијание врз крајната цена.
„Откако ќе завршат овие процеси, ќе бидат познати конечните цени што ги одредува РКЕ“, нагласи Бислимоски.
По завршување на тендерот за универзалниот снабдувач, согласно новиот Закон за енергетика, „ЕВН Хоум“ ќе ја соопшти новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
Од АД МЕПСО, операторот на преносната мрежа, упатија уверување до граѓаните дека не очекуваат испади во текот на зимскиот период, благодарение на континуираните инвестиции.
„Во континуитет инвестираме, имаме и голем број на активни проекти кои во моментот се реализираат“, изјави Александар Пауноски од МЕПСО.
Тој посочи неколку тековни проекти, меѓу кои 110-киловолтниот далекувод Прилеп – Битола, продолжување на договорот за интерконекцијата меѓу Македонија и Албанија, како и инсталирање на реактор за реактивна енергија во 400-киловолтната трафостаница Дуброво.
Од МЕПСО додадоа и дека активно аплицираат за голем број грантови преку Механизмот за инвестирање во Западен Балкан, со цел дополнителна надградба и модернизација на преносната мрежа, што ќе овозможи сигурно и непрекинато снабдување со електрична енергија низ целата земја.
Енергетика 24
