Белград, 15 мај 2025 – „Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот енергетски пазар во Европскиот енергетски пазар,“ најави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), на Белградскиот енергетски форум 2025.
Како што посочи Бислимоски, донесувањето на новиот Закон за енергетика означува почеток на финалната фаза од енергетските реформи во земјата. Следува носење на подзаконските акти, кои ќе го овозможат комплетирањето на нормативната рамка за интеграција во европските енергетски текови.
„Со ова започнува процесот на конечно приклучување на Македонија кон пазарот на земјите членки на ЕУ. Прво ќе следува меѓуфаза на поврзување со регионалните пазари. Убеден сум дека најдоцна до вториот квартал од 2027 година, ќе го демонстрираме нашиот капацитет за преземање на сите неопходни чекори,“ истакна Бислимоски.
Тој посочи дека, за разлика од досегашната фаза кога процесот беше поддржан од УСАИД, новите политики значат дека земјата ќе мора самостојно да го води овој „сериозно комплексен процес“.
Следната фаза, според него, ќе биде отворање на енергетското регулаторно поглавје преку синхронизација на македонската легислатива со европската, особено во делот на регионалната поврзаност на пазарите за електрична енергија. Целта е обезбедување на европски стандарди за сигурност и стабилност, како и пристап до пониски цени на електричната енергија за потрошувачите.
„Граѓаните ќе ја почувствуваат европската енергетска сигурност, ќе ги делиме позитивните трендови како што се пониските цени, но ќе бидеме и заедно поотпорни на евентуални ценовни шокови,“ нагласи Бислимоски.
Во рамки на панел-дискусијата „Интеграција на пазарот на електрична енергија на Западен Балкан со пазарот на ЕУ“, се разговараше за координиран настап на регионот на престојниот состанок во Брисел на 1 јули.
„Неопходно е отворено да се зборува со Брисел. Заедно со Енергетската заедница треба да изготвиме акциски план за воведување на јаглеродната такса – она што можеме сами да го спроведеме, веднаш да го направиме, а за деловите каде што е потребна финансиска поддршка, да побараме помош од ЕУ,“ додаде Бислимоски.
Третото издание на Белградскиот енергетски форум ги собра клучните лидери од енергетскиот сектор од регионот и Европа, со заеднички фокус на енергетската транзиција и регионалната интеграција.
Извор: РКЕ