Сараево. 31 јули 2025 – Увозот на електрична енергија во Босна и Херцеговина во првата половина од 2025 година е зголемен за дури 136 милиони евра споредено со истиот период лани, покажуваат податоците на Агенцијата за статистика на БиХ.
Овој драматичен пораст е резултат на серија енергетски предизвици, меѓу кои неповолни хидролошки услови и ремонти на термоелектраните. Минатата година, од јануари до јуни, била увезена електрична енергија во вредност од околу 40 милиони евра, додека годинава таа бројка достигнала околу 176 милиони евра.
Од друга страна, раст бележи и извозот на струја. Во првите шест месеци од 2025 година, БиХ извезла струја во вредност од приближно 224 милиони евра, што е значително повеќе од ланските 148 милиони евра за истиот период.
Лука Петровиќ, генерален директор на „Електропривреда на Република Српска“, вели дека само март 2025 година бил хидролошки над планот, додека сите останати месеци биле под просекот.
„Во јули сме принудени да увезуваме струја бидејќи Термоелектраната Гацко сè уште е во фаза на ремонт. Очекуваме за седум-осум дена да се врати на мрежата, по што повторно ќе преминеме во позиција на извозник“, изјави Петровиќ.
Тој додаде дека изминатиот зимски период, поради двомесечен застој на Термоелектраната Угљевик, настанале големи загуби и компанијата била приморана да купува струја и да склучи кредитни аранжмани за плаќање кон странските добавувачи.
Во Федерацијата, генералниот директор на „Електропривреда БиХ“, Санел Буљубашиќ, како клучен проблем ја посочи состојбата во рудниците.
„Рудникот во Зеница се затвора поради недостиг на количински и квалитетен јаглен – не поради транзиција, туку поради економска неможност за работа. Проблемите со рудниците траат од 2009 година“, нагласи Буљубашиќ.
Според енергетскиот експерт Алмир Бечаревиќ, главни причини за зголемениот увоз се тоа што двете термоелектрани во РС беа надвор од функција, а и хидролошките услови беа лоши. Ова е нашата реалност – недостаток на сопствена енергија и потреба од скапа увозна струја“, рече Бечаревиќ.
Извор: Nezavisne.com