Операторите на електропреносните системи (ТСО) од Континентална Европа ја потврдија успешната трајна синхронизација на електроенергетските мрежи на Естонија, Латвија и Литванија со Континенталната европска синхрона зона. Со овој чекор, националните оператори Elering, Augstsprieguma tīkls (AST) и Litgrid ги исполнија сите технички услови за постојано поврзување со европскиот систем преку Полска.
Синхронизацијата, која од 9 февруари 2025 година се изведуваше во пробен режим, беше официјално потврдена од Работната група за Континентална Европа при ENTSO-E. Во текот на пробниот период се следеа и оценуваа сите параметри на заедничкото функционирање.
Од 25 ноември 2025 година, AST, Elering и Litgrid станаа полноправни членки на Регионалната група на ТСО од Континентална Европа при ENTSO-E.
Проектот за синхронизација формално започна во мај 2019 година со потпишување на договор меѓу Полска, трите балтички држави и земјите од Континентална Европа, со кој се дефинираа техничките услови за нивно приклучување кон европската мрежа. Денешната објава означува целосно исполнување на овие услови.
Претседателот на ENTSO-E, Збинек Болдиш, оцени дека трајната синхронизација е „голем чекор кон енергетска отпорност, соработка и независност на Европа“, нагласувајќи дека процесот е резултат на „години техничка работа и координација“.
Извршниот директор на Litgrid, Рокас Масиулис, истакна дека преминот кон постојан режим „не е само формалност, туку резултат на долгогодишен професионален ангажман“. Тој нагласи дека синхронизацијата ќе ја зголеми флексибилноста и сигурноста на мрежните операции и ќе отвори нови можности за соработка.
Со приклучувањето на Континентална Европа, балтичките земји добиваат стабилна и доверлива фреквентна контрола, што значително ја засилува регионалната енергетска безбедност. Досега тие зависеа од рускиот систем за управување со фреквенцијата. Новата синхронизација ги поврзува со мрежа која опслужува над 400 милиони корисници.
Клучна улога во координацијата имаше полскиот оператор PSE, како непосреден сосед и физичка врска меѓу Балтикот и остатокот на Континентална Европа. Проектот беше придружен со обемни инфраструктурни инвестиции во Полска и балтичките држави, а поддршка во планирањето даде и германскиот оператор Amprion.
Европската унија и ENTSO-E го поддржаа процесот преку кофинансирање, техничка експертиза и правна и оперативна помош.
Извор: Entsoe.eu
