Париз. 25 март 2025 – Глобалната приватна инвестициска компанија Ardian го презема францускиот лидер во обновлива енергија Akuo, отворајќи ново поглавје за компанијата основана во 2007 година. Договорот, чија вредност не е објавена, чека регулаторно одобрение и консултации со телата на вработените.
Akuo, кој досега беше под контрола на групацијата ICG, е компанија која е специјализирана за ветерна енергија, фотоволтаици и складирање, со портфолио од преку 2 гигавати (GW) во работа и проекти во фаза на изградба низ 20 земји. Во регионот, компанијата е активна во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Грција, Хрватска и Босна и Херцеговина.
„Оваа аквизиција е дел од нашата стратегија да поддржуваме иновативни енергетски платформи во транзицијата кон зелена економија“, изјави Беноа Гајошé, заменик шеф на инфраструктурата за Европа во Ardian. Компанијата ветува финансиска поддршка за амбициите на Akuo, вклучувајќи целта за 5 GW капацитет до 2030 година. Akuo има над 12 GW проекти во подготовка.
Според ко-основачот на Akuo, Ерик Ското, соработката со Ardian ќе донесе побрзи иновации и поголемо присуство на глобалниот пазар. „Ова е шанса да ги исполниме енергетските предизвици на иднината“, додаде тој.
Од ICG велат дека се горди на пионерската улога на Akuo во обновливите извори. „Ardian ќе го забрза растот на компанијата“, смета Пенелопе Диетш, директорка во ICG.
Ardian, со 8 GW енергетски капацитети и 35 милијарди долари под управување е меѓу лидерите во енергетската инфраструктура. Компанијата, управува со 177 милијарди долари за 1.850 клиенти ширум светот.
За Македонија и регионот, оваа промена може да значи нови инвестиции и проекти во обновливата енергија, клучен сектор за енергетската иднина.
Извор: Ардиан