Њујорк. 25 септември 2025 – Американските санкции кон Нафтната индустрија на Србија (НИС) ќе стапат во сила на 1 октомври, потврди претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на престојот во Њујорк. Тој изјави дека САД се согласиле да го одложат нивното воведување за само уште четири дена – од 27 септември до 1 октомври – но дека тоа, како што нагласи, не е добра, иако е очекувана вест.
„Не е убаво, но е очекувано. Србија е колатерална штета на односите меѓу Западот и Русија и ќе платиме исклучително висока цена“, рече Вучиќ.
Претседателот предупреди дека пред Србија следи „тешко време и тешка зима“ и додаде дека државата ќе направи сè за граѓаните да имаат топли домови и сигурно снабдување со нафта и гас.
„Ќе се потрудиме луѓето да не се грижат за полнење на резервоарите, ниту за автобусите и камионите. Но, сè друго ќе биде многу потешко. Ситуацијата дополнително се комплицира и создава големи политички, економски и општествени проблеми“, изјави тој.
Вучиќ посочи дека санкциите ќе го блокираат нормалното работење на НИС, бидејќи, според него, ниту една банка нема да сака да соработува со компанијата која е во мнозинска руска сопственост. „Тоа значи проблеми со исплатата на платите и со сите финансиски трансакции. Руската страна ќе тврди дека има резерви за месец или два, но потоа ќе дојдат вистинските тешкотии“, рече тој.
Според Вучиќ, Србија веќе понудила десетици можни решенија, но ниту едно не било прифатено – ниту од руската, ниту од американската страна.
„Налетуваме на ѕид. Од која било страна да се обидеме, ќе ја повредиме главата. Немаме интерес да закануваме ниту на Русија, ниту на Америка – ние сме мала земја. Но, морам на народот да му обезбедам нафта“, изјави претседателот.
Тој додаде дека има „мала заинтересираност“ од страна на меѓународните партнери да се реши проблемот на Србија. „Што и да предложиме за одлагање на санкциите, Американците одлучуваат да ги воведат. Што и да бараме од Русите, тие не сакаат да го прифатат. Тоа е ситуацијата“, нагласи Вучиќ.
Американските санкции кон НИС досега беа одложени шест пати, но овој пат ќе стапат на сила. Вучиќ призна дека не гледа „зрак светлина на крајот од тунелот“, за разлика од други прашања, како што се американските царини, каде што, како што кажа, има надеж за позитивен исход.
„За НИС влегов во тунел, поминав повеќе од половина, но не гледам светлина на крајот. Затоа апелирам – ако некој има идеја или решение, нека каже. Секое конструктивно решение е добредојдено“, изјави тој. Бевме коректни и кон руските, и кон американските партнери. Но, без оглед на тоа, ќе платиме највисока цена. Ни лук јаделе, ни лук мирисале – а последиците се на наш терет“, заклучи претседателот.
Извор: Euronews.rs