Американскиот министер за енергија повика на двојно зголемување на светското производство на нафта

Давос. 22 јануари 2026 – Светот треба повеќе од двојно да го зголеми производството на нафта, изјави денеска американскиот министер за енергија Крис Рајт на Светскиот економски форум во Давос, критикувајќи ги политиките за зелена енергија на Европската унија и на американската сојузна држава Калифорнија како неефикасни и скапи.

Говорејќи на панел со извршната директорка на енергетската компанија „Оксидентал“, Вики Холаб, Рајт нагласи дека светот ќе продолжи да зависи од нафтата со децении, и покрај напорите за намалување на јаглеродните емисии.

Тој истакна дека зголеменото производство на природен гас и инвестициите во терминали за извоз на течен природен гас (ЛНГ) ѝ овозможиле на САД да ги заменат европските увози на руски гас, кои беа значително намалени по почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година.

РЕКЛАМА

Сепак, Рајт предупреди дека строгите еколошки регулативи на ЕУ претставуваат ризик за енергетската соработка со САД, посочувајќи дека тие може да создадат правна одговорност за американските производители при извоз на гас во Европа. „Работиме со нашите европски партнери за отстранување на тие бариери“, рече тој.

Европската унија бара увозниците на нафта и гас да ги следат и пријавуваат емисиите на метан поврзани со увозот, со цел намалување на емисиите на овој гас што придонесува за глобалното затоплување.

Минатиот месец, по притисок од компании и влади, ЕУ се согласи да го намали опфатот на правилата за известување за одржливост. Дел од инвеститорите, пак, предупредија дека помалата транспарентност ќе ја отежне проценката кои компании навистина преминуваат кон нискојаглеродни операции.

Рајт остро ги критикуваше и енергетските политики на Калифорнија, за кои рече дека придонеле за повисоки цени на енергијата. Холаб наведе дека токму регулативите биле причина „Оксидентал“ да ја напушти државата во 2014 година.

Во меѓувреме, најавеното затворање на две рафинерии, кои сочинуваат околу 17% од капацитетот за производство на бензин во Калифорнија, врши дополнителен притисок врз гувернерот Гевин Њусом да спречи нагло зголемување на цените на горивата.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба