Скопје. 16 јуни 2025 – Еден од клучните енергетски проекти во регионот – проширувањето на 400-киловолтната електропреносна врска меѓу Албанија иМакедонија влегува во завршна фаза, соопштија албанските медиуми.
На албанска страна, проектот вклучува изградба на два нови сегмента од далноводот: Елбасан–Фиер и Елбасан–граничен премин Ќафасан, со вкупна должина од 130 километри. Во рамки на проектот се гради и нова трансформаторска станица „Елбасан 3“ со капацитет 400/220 киловолти, како и рехабилитација на постојната подстаница во Фиер.
Проектот е финансиран со поддршка од Европската унија и германската влада, преку Германската банка за развој (KfW). Вкупната вредност изнесува 67,5 милиони евра, од кои 50 милиони се заем од KfW, а 17,5 милиони евра се грант од ЕУ преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF).
Од Министерството за енергетика на Албанија истакнуваат дека новата инфраструктура значително ќе го зголеми капацитетот за пренос на електрична енергија и ќе овозможи посилно енергетско поврзување со Северна Македонија. Проектот, велат, ќе придонесе кон зајакнување на прекуграничната енергетска безбедност, економски развој и стабилност во случаи на енергетски кризи.
Македонија: реализација од 2026, завршница до крајот на 2027 година
Додека на албанска страна работите привршуваат, во Македонија проектот сè уште е во почетна фаза. Поради претходни застои, новото раководство на МЕПСО во април оваа година распиша нов меѓународен тендер. Очекувањата се до крајот на 2025 година да биде избран изведувач, а градежните активности да започнат на почетокот на 2026 година. Целосната изградба се планира да заврши до крајот на 2027 година.
Македонскиот дел од проектот предвидува изградба на надземен 400-киловолтен далновод кој ќе ја поврзе Трансформаторската станица Битола 2 со границата кај Ќафасан. Вредноста на македонската делница се проценува на околу 17 милиони евра, а проектот е поддржан преку заем и грантови од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и европските фондови.
Со реализација на овој проект, двете земји ќе добијат стабилна и модерна енергетска врска која ќе придонесе за функционален регионален пазар на електрична енергија.
Извор: МИА