ADNOC најблиску до преземање на НИС

Абу Даби. 9 декември 2025 – Националната нафтена компанија на Абу Даби – ADNOC се појави како водечки кандидат за купување на 56,15% од уделот на руските компании во Нафтната индустрија на Србија (НИС), јави Financial Times, повикувајќи се на извори запознаени со текот на преговорите.

Според весникот, иако ADNOC е во најдобра позиција да ја преземе единствената српска рафинерија, НИС и понатаму разговара и со други потенцијални купувачи, меѓу кои и унгарската нафтена компанија MOL. Вклученоста на ADNOC, како што се наведува, произлегува пред сè од блиските врски меѓу Србија и ОАЕ, а не од стратешки или деловни интереси.

Вредноста на можниот договор засега не е позната. НИС во финансискиот извештај за 2024 година пријави вкупна актива од 4,7 милијарди долари, од кои околу 2,6 милијарди долари се поврзуваат со уделот на руските сопственици.

РЕКЛАМА

И покрај изразениот интерес на српската влада сама да го откупи рускиот пакет, руските акционери засега не се наклонети кон таква продажба, наведува весникот.

Гаспром Њефт поседува 44,85% од српската компанија, државата Србија има 29,87%, а компанијата Intelligence од Санкт Петербург, под индиректна контрола на Гаспром, поседува 11,3%. Останатиот дел е во рацете на помали акционери.

Американското Министерство за финансии во јануари годинава најави санкции кон НИС поради руското сопствеништво. По неколку одложувања, мерките стапија во сила во октомври, по што НИС минатата недела почна со гасење на рафинеријата во Панчево поради недостиг на сурова нафта. Производството е стопирано од 5 декември.

Американскиот OФАК минатиот месец побара целосно повлекување на руските компании од НИС и дозволи преговори за продажба на уделите до 13 февруари.

Претседателот Александар Вучиќ претходно изјави дека државата ќе го преземе управувањето со компанијата и дека е подготвена да го купи рускиот удел по „најдобра цена“, доколку до 15 јануари не се постигне договор со трета страна.

НИС, покрај рафинеријата во Панчево, управува со најголемата мрежа на бензински пумпи во Србија, 327 станици, а е присутен и во Босна и Херцеговина, Бугарија и Романија, со околу 14.000 вработени.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба