АД ЕСМ: Пораст на водостоите по обилните врнежи, но нема опасност од преливање на акумулациите

АД ЕСМ ја извести јавноста дека интензивните врнежи кои ја зафатија земјава во последните денови предизвикаа зголемување на нивото на сите акумулации што се користат за производство на електрична енергија, но дека состојбата е под целосна контрола и нема опасност од преливање.

Од компанијата информираат дека водостоите растат, но акумулациите имаат доволно слободен простор за прием на силните дотеци. Најзначителни промени се забележани во југозападниот дел од државата, каде Охридското Езеро во последните три дена бележи дневен пораст од неколку сантиметри. Езерото достигнало ниво од 693,33 метри надморска височина, што е два сантиметри над просекот за ноември. Сепак, ова ниво е далеку под максимално дозволената кота од 693,75 до 694 метри.

Од АД ЕСМ апелираат до јавноста да ги користи официјалните и проверени податоци, посочувајќи дека моменталниот водостој на Охридското Езеро не претставува никаква опасност за Охридско-струшкиот регион.

РЕКЛАМА

Интензивни дотекувања се регистрирани и во акумулацијата Глобочица, но и покрај силните странични притоки, режимот на работа на хидроелектраните Глобочица и Шпилје овозможува безбедно справување со зголемените водени маси.

Нивото на Дебарското Езеро, пак, во последните четири дена пораснало за два метри и утрово достигнало 564,55 метри надморска височина. Се бележи вкупен дотек од 128,5 кубни метри во секунда од реката Радика и локалниот слив, каде во последните денови наврнале околу 100 литри дожд на метар квадратен. Од компанијата очекуваат дека претстојните врнежи нема значително да ја отежнат ситуацијата, дел од водата ќе биде преработена низ агрегатите, а дел ќе остане складирана за потребите во грејната сезона.

Вакви обилни дотеци, како што посочуваат од АД ЕСМ, не се забележани последните седум години, но се карактеристични за есенскиот период. Производството на електрична енергија е целосно прилагодено на моменталните хидролошки прилики и потребите на системот, а сите пет агрегати во хидроелектраните Глобочица и Шпилје работат со висока доверливост.

АД ЕСМ најавува дека и понатаму внимателно ќе ја следи состојбата и ќе ги презема сите неопходни мерки за ефикасно и безбедно управување со високите води и интензивните дотеци во акумулациите.

Извор: АД ЕСМ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба