Европската Унија бележи напредок во транзицијата кон чиста енергија, но и понатаму се соочува со високи цени, нестабилност и силна зависност од природниот гас, покажува најновиот мониторинг извештај на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER), кој ги анализира случувањата на енергетските пазари во 2025 година.
Извештајот посочува дека цените на големо за електрична енергија и гас продолжиле да опаѓаат по кризата, но и натаму се структурно повисоки од оние во САД, што ја нарушува глобалната конкурентност на европската економија. Дополнително, и покрај намалувањето на берзанските цени, цените за домаќинствата остануваат високи, што укажува на проблеми во преносот на пониските трошоци до крајните потрошувачи.
Европа во меѓувреме достигнува значаен напредок во декарбонизацијата, обновливите извори учествуваат со околу 50% во вкупното производство на електрична енергија, а соларната енергија е главен двигател со раст од 41 TWh само во 2025 година. Но, овој брз раст носи и нови предизвици: системот станува сè почувствителен на временските услови, а намаленото производство од ветер и хидроцентрали дополнително ја зголемува неизвесноста.
Како резултат, ценовната нестабилност драстично се зголемува. Дневните осцилации на цените на електричната енергија се околу петпати поголеми отколку во 2020 година, со многу ниски цени во периоди на силно сончево производство и нагли скокови во вечерните часови. Токму тогаш, кога производството од соларни извори опаѓа, природниот гас станува клучен за задоволување на побарувачката, што дополнително ги зголемува цените на пазарот.
Во извештајот се наведува дека европското снабдување со електрична енергија и натаму „се потпира“ на гас, кој игра двојна улога, како неопходен извор за флексибилност, но и како товар заради високите трошоци и зависноста од увоз. Потрошувачката на гас во 2025 година благо пораснала за 2%, втора година по ред, а гасните електрани биле профитабилни во 43% од времето, што ја нагласува нивната растечка улога во системот.
Иако Европската Унија значително ја намали зависноста од руски гас, за околу 162 TWh, ова е компензирано со рекордно зголемен увоз на течен природен гас (ЛНГ), што ја одржува структурната зависност од надворешни извори и ја изложува Европа на глобални ценовни шокови. Во исто време, ниските нивоа на складирање на гас по зимата дополнително ја зголемуваат ранливоста на системот.
Извештајот нотира и дека екстремните временски услови сè повеќе влијаат врз пазарите. На пример, топлотен бран во јули 2025 година ја намалил ефикасноста на термо и нуклеарните електрани, што довело до нагло зголемување на цените на електричната енергија на одредени пазари.
Во вакви услови, ACER нагласува дека проширувањето на интеграцијата на енергетските пазари во ЕУ е клучно за зголемување на конкурентноста и забрзување на декарбонизацијата. Подобрата прекугранична поврзаност може да помогне во искористување на различните енергетски миксови меѓу земјите, намалување на ценовните разлики и подобрување на сигурноста на снабдувањето. Агенцијата препорачува и поголема транспарентност и ефикасност во формирањето на цените, како и засилување на флексибилноста преку складирање на енергија, управување со побарувачката, електрични возила и батериски системи. Дополнително, се нагласува потребата од диверзификација на снабдувањето со гас и намалување на неговата употреба преку развој на обновливи и декарбонизирани гасови.
Заклучокот на ACER е дека Европа е на добар пат кон зелена транзиција, но без подлабока интеграција на пазарите, инвестиции во флексибилност и намалување на зависноста од гас, ќе остане изложена на високи цени и нестабилност, што директно влијае врз економскиот раст и глобалната конкурентност.
Извор: Acer.europa.eu
