Скопје. 1 април 2026 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека земјата се издвојува по најниски цени на нафта и нафтени деривати, како и по намалувањето што е направено во текот на оваа недела. Според него, нема простор за загриженост кога станува збор за количините.
„Ние сме единствена држава што ги намали цените на горивата, единствена држава во регионот и можеби најдобра во Европа што се однесува до цените на нафтата и нафтените деривати. Од аспект на количини, граѓаните да бидат спокојни, има доволно. Ситуацијата ќе ја следиме и во зависност од неа така ќе реагираме“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека глобалните случувања во енергетиката ќе носат одредени предизвици, но Владата ќе реагира навремено и апелираше да не се создава паника, бидејќи гориво има во доволни количини.
„– Состојбата е под контрола, за разлика од некои минати времиња кога паниката, неспособноста, криминалот и корупцијата беа второ име на некои претходни влади – рече Мицкоски.“
Премиерот повторно потенцираше дека земјата е единствена во регионот со намалени цени на горивата оваа недела.
Тој ги спореди цените со соседството, посочувајќи дека во Македонија бензинот се движи меѓу 1,33 и 1,39 евра за литар, додека дизелот е околу 1,5 евра, што е значително пониско во однос на Албанија, Грција, Србија, Косово и повеќе европски земји каде цените се значително повисоки.
„– Тоа значи дека ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 евроцент за литар до 1,39 евроцент за литар 95- или 98-октански бензин и ако дизелот е некаде околу 1,5 евроцент, да речеме во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во соседна Србија од 1,8 до над 2 евра. Во Косово исто така. Во Германија веќе имаме и до три евра за литар бензин, што е случај и во другите европски земји. Со други зборови, во овој прв месец во историски најголемата нафтена криза по онаа од 1973 година, односно од седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овие предизвици – рече Мицкоски.“
Според него, во моментов нема никаква причина за страв од недостиг на енергенси или воведување кризна состојба, ниту во електроенергетскиот сектор, ниту кај нафтените деривати.
Во однос на идните движења, тој нагласи дека неизвесноста останува, но Владата ќе носи одлуки врз основа на анализи и информации.
„– Што ќе се случува за месец, два, три, пет – не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас, зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните – рече Мицкоски.“
Во врска со можноста за продолжување на намалениот ДДВ за горивата, премиерот рече дека тоа ќе зависи од движењето на цените.
„– Доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка сè додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката и ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање. Се разбира, акцизите, тука се и акцизите што ни стојат сè уште на располагање – рече премиерот.“
Тој додаде дека утрово има благо намалување на цената на суровата нафта, која се движи околу 100 долари за барел, а конечните одлуки ќе се носат по следење на состојбата до крајот на неделата.
„– Значи, имаме благо намалување. Ќе видиме до петок како ќе се одвива сè тоа, па на крајот на краиштата, в петок, кога ќе заврши тргувањето, ќе можеме да знаеме приближно која ќе биде цената што в понеделник Регулаторната комисија би ја донела и врз основа на тоа ќе носиме одлука за време на викендот и ако треба, в недела ќе свикаме вонредна седница на Владата и тоа ќе го направиме – појасни Мицкоски.“
Дополнително, тој информираше дека ЕСМ располага со значајни резерви на мазут и дека производствените капацитети функционираат без проблем. Акумулациите се на задоволително ниво, а има доволно вода и за производство на струја и за потребите на земјоделството.
„– Може да ги користат, има доволно. Видете, јас на дневна основа не знам дали се повлечени, но може кога сакаат да ги повлечат доколку имаат потреба, се разбира. Тоа е поврзано со мазутот од аспект на функционирањето на производните капацитети. Тие функционираат. Акумулациите се на некаде приближно над четириесет проценти, што за оваа годината е, да речеме, најмалку двојно повеќе од некои минати времиња. Сега почна и сезоната за наводнување од приближно првата половина на април. Имаме доволно количина вода и за производство на електрична енергија и за земјоделците за наводнување. Деновиве, во одредени моменти од денот, ЕСМ дури продава на берзи и заработува приближно од 100 до 150 илјади евра на ден. Нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните, така што целата состојба е под апсолутна контрола – рече Мицкоски.“
Извор: МИА
