Божиновска: Нема поскапување на струјата до крајот на 2025

Скопје, 24 јуни 2025 – Министерката за енергетика, Сања Божиновска, во интервју по повод една година од нејзиното именување, најави значајни промени и напредок во енергетскиот сектор, но и предупреди дека наследената состојба е далеку од идеална. Таа истакна дека од 1 јули се очекува нова цена на електричната енергија, но увери дека нема да има ценовни скокови до крајот на годинава.

„Цврсто сум убедена дека нема да има ново поскапување на струјата до крајот на годината. Ќе работиме на одредена стабилизација, и покрај тоа што една година е навистина малку време за да се санираат последиците од седумгодишна незаинтересираност и занемарување“, рече Божиновска.

Таа потсети дека во 2017 година производствената цена на електричната енергија била 37 евра по мегават-час, додека денес таа изнесува речиси 140 евра. Министерката потсети на затекнатата катастрофалната состојба на енергетските капацитети во државата, изостанатите ремонти и нерационалното искористување на хидропотенцијалот. „Сето тоа нè натера да вложиме огромни напори за стабилизација, особено со оглед на ризиците што ги носи претстојната зима“, нагласи министерката.

Реклама

Покрај стабилизацијата на струјниот сектор, во интервјуто Божиновска најави и важен геостратешки енергетски проект, односно трансформацијата на Македонија од земја корисник, во транзитна земја за гас. Според неа, изградбата на интерконективниот гасовод со Грција го гради македонска компанија и истиот треба да финишира во 2026 година.

„Овој гасовод ќе овозможи приклучување кон гасоводната мрежа на Европа и пренос на гас од неруско потекло, што е клучно за енергетската безбедност и диверзификација на изворите,“ истакна таа.

Дополнително, во тек се подготовки за пронаоѓање инвеститор за изградба на краток, но клучен гасовод со Србија, долг само 25 километри. Министерството веќе потпишало меморандум за соработка со српското Министерство за енергетика, а рокот за комплетирање на овој проект е 22 месеци.

„Со изградбата на интерконекторот со Србија, Македонија ќе стане важна транзитна земја за гас кон Централна Европа. Се надевам дека во следните две години ќе се реши и ова прашање и ќе отвориме нова енергетска страница за целиот регион,“ заклучи Божиновска.

Министерството за енергетика најавува континуирани напори за модернизација, сигурност и интеграција на Македонија во европската енергетска мрежа, со фокус на одржливост, диверзификација и стабилност.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement