Белград. 11 мај 2026 – Делегација на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО учествуваше на Четвртиот Белградски енергетски форум (Belgrade Energy Forum – BEF 2026), организиран од Balkan Green Energy News.
Настанот официјално започна со поздравно обраќање на Бранислава Јовичиќ, основач и главен уредник на Balkan Green Energy News и извршен директор на Белградскиот енергетски форум.
На отворањето се обратија и министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, како и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на Северна Македонија, Сања Божиновска.

Генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, учествуваше на панел-сесијата посветена на „Влијанието од воведувањето на CBAM врз регионалниот пазар на електрична енергија“, заедно со истакнати експерти и претставници од индустријата: Анже Предовник (ADEX Group / BSP Energy Exchange), Јасмина Трухљ (Energy Community Secretariat), Маја Турковиќ (CWP Europe), Марк Копли (Energy Traders Europe) и Владимир Ѓорѓевиќ (Axpo Group).
Во своето излагање, Ѓорѓиевски истакна дека МЕМО внимателно ги следи европските регулаторни процеси и предупреди на ризиците од административни бариери кои можат да ја нарушат пазарната ликвидност и регионалната интеграција.

„Реалноста со CBAM- механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот носи предизвици. Од една страна, МЕМО расте. Обемот на нашиот Пазар ден- однапред (Day-Ahead market) е зголемен за 19% во споредба со минатата година. Тоа е одличен показател, пред сè како резултат на зголемената доверба во нашата берза за електрична енергија. Но, CBAM создава парадокс – ја задржува зелената енергија внатре во националните граници. Потребен ни е систем што ќе придонесе кон поголема интеграција на пазарите, а не нивна изолација. Во сегашната форма, CBAM предизвикува значителни нарушувања врз слободната трговија на пазарите со електрична енергија“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој се осврна и на процесот на транспозиција на енергетскиот пакет во нашата земја, како и на активностите поврзани со пазарното спојување (market coupling).
„Според последните информации, делот од Пакетот за интеграција на електричната енергија што сè уште не е усвоен моментално се наоѓа во фаза на одобрување во Регулаторната комисија. Следниот чекор е започнување на процесот на сертификација во рамки на Енергетската заедница, по што Европската комисија официјално ќе може да ја започне постапката. Ова претставува значаен чекор за нас“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека МЕМО веќе активно учествува во рамки на IBWT (Italian Border Working Table), што ќе овозможи значително побрза и поедноставна имплементација на процесот на market coupling веднаш по завршувањето на сертификацијата.
„Неодамна го пуштивме во функција Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), со што нашиот пазар започнува да функционира поблиску до реалното време. Електричната енергија е специфична – таа се произведува и се троши во истиот момент, што бара исклучителна прецизност и високо ниво на координација со соседните системи. Технички сме подготвени, а паралелно се усогласуваме и на правен план“, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека ниту еден национален пазар не може да функционира како изолиран енергетски остров.
„Македонија е физички поврзана со соседите преку силна електроенергетска мрежа. Но, не е доволно да постојат само интерконекции доколку пазарите останат раздвоени. Market coupling е единствениот логичен чекор за премостување на тој јаз. Доколку останеме изолирани, ја ограничуваме ликвидноста и ја правиме зелената транзиција поскапа за граѓаните. Интегрираниот пазар е единствениот начин да обезбедиме праведна и одржлива енергетска транзиција за сите“, истакна Ѓорѓиевски.
Во рамки на форумот беше нагласено дека секое вештачко одвојување од европските енергетски текови е спротивно на принципите на слободен пазар и фер конкуренција.
Белградскиот енергетски форум 2026 обедини повеќе од 400 учесници и над 50 говорници, вклучително и министри за енергетика од земјите од Западен Балкан, претставувајќи една од најзначајните регионални платформи за креирање на енергетските политики до 2030 година и понатаму.
Учеството на МЕМО на форумот претставува значаен придонес кон унапредувањето на регионалниот дијалог и зајакнувањето на соработката на пазарот на електрична енергија.
Извор: МЕМО
